ВИДЕО: Протести низ цела Албанија поради убиството на Клодјан Раша, има и повредени

Тирана протести за убиството на младиот Клодјан Раша/ Фото: EPA

Под мотото „И ние сме Клодјан”, масовен протест вечерва се одржува во Тирана, прво пред Министерството за внатрешни работи, по што протестантите стигнаа пред Владата, јави дописничката на МИА од Тирана.

Протестот нема организатор, граѓаните се собраа самоиницијативно преку социјалните мрежи, за да побараат, како што велат, правда за убиството на младиот Клодјан Раша од припадник на специјалната полициска единица.

Извикувајќи „Сакаме правда”, „Долу комунизмот”, „Лешај поднеси оставка”, „Во комунизмот убиваше Ручи, сега Рама и Лешај”, граѓаните се обединија со единствена цел да протестираат против екстремниот чин што го направи полицаец кој го уби Клодјан Раша, вчера наутро, пренесува Топ чанел телевизија.

Во неколку наврати, пред се пред Владата, каде има полициски кордон, имаше судир меѓу полицијата и учесниците во протестот, но и меѓу самите протестанти.

Поради тензичната ситуација мораше да интервенира специјалната полициска единица за брзи интервенции, а на владината зграда состојбата ја набљудуваат и припадници на националната гарда и други полициски структури. Употребен е и солзавец.

Според Ора њуз телевизија, учесниците фрлале тврди предмети врз Владата извикувајќи „Сакаме правда, Рама оди си”, ја уништиле новогодишната елка откинувајќи дел од светилките, што предизвикало спој и прегорел целиот систем. Потоа елката била потпалена и урната на земја.

Клодјан Раша (25) беше застрелан во близина на неговиот дом во населбата Лапрак во Тирана, кога,според неговите родители, заминувал на утринско кафе со другарите.

Неговата сестра Бора Раша, која учествуваше во протестот, низ солзи кажа дека немал проблеми со никого, бил мирно момче, имал свршеница и требало следното лето да прават свадба.

За албанските медиуми тоа го потврдуваат и соседите, според кои полицаецот без предупрдување да застане, што е вообичаена постапка, директно пукал во момчето и го усмртил.

Министерот за внатрешни работи Сандер Лешај рече дека е почната истрага која треба да ја потврди причината зошто полицискот специјалец пукал.

Според последните информации, има и повредени, повеќето полицајци, при што тројца се пренесени во болница. Протестите се одржуваат во Тирана, Елбасан, Драч, Валона, Фиер и Скадар.

Извор.МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот