ВИДЕО| Проектот „КензО“ нуди зелена оаза во центарот на Скопје, реализацијата неизвесна

Тим од архитекти составен од д-р Радмила Томовска, д-р Ива Петрунова и Хекуран Мусли,  изработија идеен проект „КензО“, за локацијата помеѓу Маџир Маало и Транспортниот Центар. Идејата, според архитектката Ива Петрунова е да се создаде нов зелен социјален и културен простор, но и да се разубави просторот кој веќе триесетина година е едноличен и безживотен.

-Идејата за идејниот проект „КензО“ дојде за време на долгите карантински денови кога имавме време да направиме нешто убаво за нашиот град, а е поврзано со нашата струка. Го избравме овој простор бидејќи ни изгледаше многу дехуманизиран и запуштен. Мотивирани од тоа што се случува во европските градови, одлучивме да направиме еден зелен проект кој би бил одржлив геоклиматски и би ја подобрил целокупната состојба на локацијата, вели Петрунова.

Реализацијата на проектот зависи од надлежните кои треба да го имаат последниот збор за тоа дали и кога би се реализирал проектот „КензО“. Иако станува збор за концепт кој ја акцентира одржливата ревитализација на јавен простор пред архитектонско културно наследство, при тоа создавајќи нов зелен социјален и културен простор, постои опасност никогаш да не се изреализира ако не се случи меѓуинституционална соработка.

Моментално течат разговорите со неколку општини, но потребна е поголема институционална синхронизација. Проектот наидува на многу позитивни реакции, но патот од идеја до реализација е многу долг. И да не се претвори во реалност нашиот план, би сакала во таа насока да се прават идните планови, со повеќе зелени простори и места за дружење. Очекувањата се дека со поставување на зелениот појас ќе се намалат високите температури на воздухот кои се карактеристични токму за овој дел од градот, вели Петрунова.

Реализацијата на овој проект нема да чини многу бидејќи е правен според новите принципи на тактички урбанизам. Средства се потребни само за средување на партерот и за изработка на челичната конструкција која се обвиткува во зеленило, а проектот би бил готов за само неколку месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот