ВИДЕО | Прекрасен гол на Ибраими против Арсими, Шкендија останува во трка за титулата
Шкендија од Тетово ја продолжува борбата за шампионската титула во домашниот фудбал, откако пред своите навивачи денеска забележа минимална, но исклучително важна победа против соседите од Арсими со резултат 1:0 во Првата македонска лига.
Препорачано
Домашниот тим доминираше во првото полувреме и постојано барајќи слободен простор по крилните позиции преку Красниќи и Ибрахими. Континуираниот притисок на Шкендија беше крунисан во 17 минута, кога Ибрахими постигна прекрасен гол од далечина со прецизен и силен удар, носејќи водство за домаќините и уште еднаш потврдувајќи го својот квалитет.
До крајот на првиот дел, Шкендија создаде уште неколку шанси за гол. Вреди да се издвои удар од корнер, но голманот Ислами одлично реагираше и ја сочува својата мрежа, спречувајќи втор погодок.
Во второто полувреме, домаќините продолжија со офанзивната игра. Арбин Зејнулахи беше многу близу до гол со силен удар од дистанца, но стативата беше сојузник на голманот Ислами. Потоа и Красниќи се обиде со удар од десната страна, додека Ибрахими беше опасен во една акција од левата страна, но Гони и Џемили интервенираа во последен момент пред гол линијата.
Шкендија имаше уште една добра можност преку Трумчи, кој шутираше од далечина, но повторно голманот на гостите беше на висина на задачата. До крајот на натпреварот, Шкендија рутински ја контролираше играта онолку колку што и беше потребно за да ја зачува предноста, додека Арсими ја продолжува резултатската криза.
По оваа победа, Шкендија останува во трката за шампионската титула и се наоѓа на „минус три“ бода зад Вардар, додека Арсими е на осмото место со 26 бодови.


