ВИДЕО | Празнична радост во Ватикан: Елката и божиќната пештера го осветлија плоштадот Свети Петар
Плоштадот Свети Петар во Ватикан во понеделникот, на 15 декември, блесна во празничен сјај со свеченото осветлување на елката и отворање на божиќната пештера, симболи на радост, надеж и заедништво што го најавуваат претстојниот Божиќ, пренесува „Ватикан њуз“.
Препорачано
Свеченоста ја предводеше сестра Рафаела Петрини, претседателка на Управата на Државата Ватикан, која во своето обраќање истакна дека овие божиќни обележја не се само украси, туку силни пораки за мир, вредности длабоко вкоренети во учењето на свети Фрањо Асишки.
„Денес, на овој плоштад кој го прегрнува целиот свет, Божиќната пештера и елката не се само празнични украси, туку знаци на заедништво, повик за мир и грижа за создаденото, како и покана за општо братство – вредности што свети Фрањо ги ставаше над сè и кои станаа обележје на неговото духовно дело“, истакна таа.
Воедно потсети дека следната година се навршуваат 800 години од смртта на свети Фрањо Асишки, кој во 1223 година ја започнал традицијата на поставување Божиќни пештери.
На свеченото отворање присуствуваа верски и граѓански претставници од бискупиите кои ги донираа елементите, а претходно во текот на денот имаа можност да се сретнат и со папата Лав XIV.
Музичкиот состав на Ватиканската полиција, како и хорови и оркестри од различни бискупии, изведоа традиционални божиќни песни и танци.
Божиќната пештера и елката ќе бидат поставени до крајот на божиќниот период, кој завршува со празникот Крштевање Господово, во недела, на 11 јануари 2026 година.
Божиќната пештера е изработена од бискупијата Ночера Инфериоре–Сарно од јужна Италија, а на настанот ја претставуваше бискупот Џузепе Џудиче. Елката пристигна од бискупијата Болцано–Бресаноне во северна Италија, а присутен беше и бискупот Иво Музер.
На свеченоста учествуваа и надбискупот Емилио Напа и Џузепе Пуљизи-Алибранди, генерални секретари на Управата на Ватикан.
Божиќната пештера
Пештерата е поставена на платформа со димензии 17 на 12 метри и височина од 7,7 метри. Таа содржи бројни традиционални архитектонски и културни елементи од областа Агро Ночерино-Сарнезе, како и симболи поврзани со светци и значајни верски личности од регионот, меѓу кои и свети Алфонс Лигуори, основач на редот на Редемптористите, како и Божјите слуги отец Енрико Смальдоне и Алфонсо Русо.
Во поставката се вклучени и симболи што го истакнуваат локалното наследство поврзано со храна и вино. Подлогата прикажува антички римски патишта од камени плочи, а има и фигури на пастири и животни во природна големина.
Божиќната елка
Божиќната елка е европска смрека од бискупијата Болцано–Бресаноне. Таа е висока 25 метри и тешка околу 8.000 килограми, а е подарок од општините Лагундо и Ултимо во северна Италија.
Покрај главната елка, во Ватикан ќе бидат донесени уште 40 помали дрвја, кои ќе се користат за украсување на канцеларии, јавни простори и објекти на централна власт на Римокатоличката црква.
По завршувањето на божиќниот период, од гранките на елката ќе се извлечат етерични масла, додека остатокот од дрвото ќе биде рециклиран од соодветно здружение, во духот на почит кон создадената природа.


