Фото: Принтскрин / Јутјуб

ВИДЕО | Прабаба од Ирска дипломираше на 90 години: „Ако можам јас, секој може!“

Мериет Мекфарланд од Лондондери, Ирска, која дури неодамна научила да користи компјутер, ја доби својата диплома по англиска книжевност на 90-годишна возраст — речиси 70 години откако се откажала од нејзините првични студии, пренесува Би-би-си.

– Не можев да поверувам, и ми требаше прилично долго време – рекла таа.

Деведесетгодишната жена беше најстарата од повеќе од 300 дипломирани студенти на церемонијата на Отворениот универзитет (Open University) во Белфаст во вторникот. А, нејзината приказна е приказна за одлучност, трпение и мала помош од пријателите, туторите и семејството.

Фото: Принтскрин / Јутјуб

Мекфарланд првично почнала универзитет во Даблин во 1960-тите, но љубовта се испречила пред да ги заврши студиите. Таа се откажала од студиите и наместо тоа се омажила.

Иако ѝ требале неколку години, таа одлучила повторно да студира со Отворениот универзитет додека се опоравувала од сообраќајна несреќа.

– Имав малку слободно време и си помислив дека сакам да направам нешто – изјавила  Мекфарланд.

Студирањето онлајн понекогаш се покажувало како предизвик. Сепак, таа рекла дека нејзиното семејство – вклучувајќи ги нејзините четири деца, внуци и правнуци, многу ѝ помогнало.

– Многу сум лоша со интернетот, но имав голема помош од семејството – рекла таа, додавајќи дека нејзината снаа ја научила да пишува на тастатура.

– Знам дека се тука ако ги побарам и ми помагаат на секој можен начин. Но, знаете, мислам дека сметаат дека е малку чудно баба да има диплома! – додала таа.

Фото: Принтскрин / Јутјуб

Мекфарланд, исто така, реkla дека имала „прекрасен“ тутор кој ѝ пружил „многу поддршка“.

Нејзината најстара ќерка, Шона Гејли, ја придружуваше нејзината мајка на церемонијата на дипломирање во салата „Вотерфол“.

– Јас сум толку горда на неа. Таа е дипломиран студент, комплетна, на 90-годишна возраст, тоа е толку возбудливо за неа и за сите нас. Отсекогаш жалеше што не ги завршила студиите на Тринити Даблин, сите го знаевме тоа, но имаше четири деца, имаше напорен живот и сè друго – рекла Гејли.

Гејли рекла дека нејзината мајка навистина се посветила на студиите.

– Седеше на својот кауч, опкружена со купишта книги, со нејзиниот лаптоп и таблет пред неа – се присетила таа.

Целото семејство дошло во Белфаст „на голем семеен ручек“, пред да го гледаат нејзиното дипломирање. А, Мериет има порака за секој што мисли дека е премногу стар за да научи нови работи: „Ако можам јас, секој може. Никогаш не е доцна.“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот