Петар Богојески / Фото „Слободен печат“ Драган Митрески
Петар Богојески / Фото „Слободен печат“ Драган Митрески

ВИДЕО | Полицијата почна истрага за неукажување медицинска помош на Кардиологија на мајката на Петар Богојески

Полицијата почнала истрага на државната Клиника за кардиологија за неукажување медицинска помош на мајката на политичарот Петар Богојески, потврдија од МВР за „Слободен печат“.

Истрагата се води против медицинската сестра што го пријави Богојески дека ѝ се заканувал. Политичарот категорично негира дека се заканил или нападнал медицински работник, додавајќи дека и покрај тоа што сведочел негрижа, ненавременост, протекционизам и кршење на Хипократовата заклетва, сепак решил институционално да се спротистави на партиското вработување на некомпетентни и несовесни кадри, откако најнапред ќе се погрижи за здравствената состојба на неговата мајка.

Иако пред нашата камера Богојески не сакаше да раскажува детали за хоророт што го доживеала неговата мајка кога ја однел на Ургентното одделение на Клиниката за кардиологија каде била пред мозочен удар, зашто како што рече не сака да биде перцепиран како жртва, туку како борец за негрижата во здравствениот систем да се адресира, сепак – зад камерата сподели некои вознемирувачки и загрижувачки детали. Според него, долго време не можел да пронајде доктор на Ургентното одделение на Клиниката за кардиологија, а медицинската сестра не сакала да повика лекар зашто како што вели Богојески, се чекал „привилегиран пациент“ кој пристигнал во болничката соба со цигара во устата. Во меѓувреме, во состојба на итна потреба од доктор поради животозагрозувачката состојба на мајка му, тој ја држел на раце, а медицинската сестра одбивала да повика лекар, ни рече Богојески. Наместо на приправност, според него, на Ургентното одделение имало атмосфера на опуштеност и се обидувале да го истераат со мајка му од собата 101 за да чекаат пред вратата. Конечно кога мајка му легнала да ѝ се направи ЕКГ, следувала нова непријатност.

-Кога влеговме немаше персонал. Открив каде е персоналот. Потоа ги имавме сите тие скандали, кои ги предизвикуваше медицинското лице бидејќи чекаше специјален пациент кој дојде со цигара. Дури и пациентот кого го чекаа, а беше специјален, се обиде да ја истурка мајка ми од креветот каде што беше сместена за да се направи ЕКГ. Ситуацијата во таа Клиника е страшна. Господ Бог да им е на помош на тие што одат на Клинички центар, состојбата таму е очајна. Таму не се знае за кого е полошо, за докторите или за пациентите. На Клинички се умира и опасно по живот е да се оди таму, а немаме избор бидејќи каде и да отидеме во приватните клиники, повторно ќе го вратат пациентот на државна Кардиологија ако состојбата е лоша, ни рече Богојески.

Кога бил пронајден лекар, според Богојески, пак имало проблеми, зашто медицинската сестра не сакала да го послуша ниту лекарот. Количка за да се пренесе пациентката од Клиниката за кардиологија на Клиниката за неврологија кои една од друга се оддалечени 100-200 метри, немало. Полицајците што биле на смена помагале жената да се пренесе.

-Здравството е во очајна состојба и ако не се преземе акција „челична метла“ на сите некомпетентни со купени дипломи од бензински пумпи ние не можеме да имаме сериозно здравство, ни рече Богојески.

Од Клиниката за кардиологија и од Министерството за здравство одмолчаа на прашањата на „Слободен печат“ за текот на лекувањето на пациентката, дали имаат констатирано пропусти во нејзиниот третман, дали имало прекршување на протоколите, како и ставот на Клиниката и на медицинската сестра за комуникацијата со Богојески.

Полицијата потврди дека работат на кривична пријава за кривичното дело „неукажување медицинска помош“ по член 208 од Кривичниот законик.

На 24.03.2026 во СВР Скопје, лицето за кое прашувате поднесе записник за примање на пријава за кривично дело ,,неукажување на медицинска помош” по член 208 од КЗ против медицинска сестра и други лица од медицинскиот персонал за настан кој се случил на 18.03.2026 околу 23:00 часот во Клиниката за кардиологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Според пријавеното, поради животозагрозувачката состојба на неговата мајка Ц.Б., таа од Клиниката за неврологија била препратена на Клиниката за кардиологија, а од страна на медицинскиот персонал во Клиниката за кардиологија не и била укажана соодветна медицинска помош, што довело до нагло влошување на нејзината состојба и таа добила мозочен удар и подоцна била хоспитализирана на Клиниката за неврологија.

Клиниката за кардиологија се спои со Клиниката за кардиохирургија пред еден месец. Овој потег предизвика контроверзии односно шпекулации дека причината е недостиг на кадар. Особено зашто на државна Кардиохирургија, во последниот период на нејзиното постоење пред спојувањето, иако беше државна здравствена установа од стратешки интерес за Македонија – немаше анестезиолози, бројот на операции беше намален, а анестезиолози повремено се увезуваа од Белград.

Според објавеното на страницата на болницата, Одделот за интензивна нега има капацитет од 18 кревети, кои се поврзани со централен мониторинг за 24 часовно следење на неинвазивни и инвазивни хемодинамски параметри. Меѓутоа, како што објави „Слободен печат“ во функција се само 9 кревети поради реновирање и ваквата состојба трае со месеци. Исто така, наведено е дека одделот за интензивна нега располага со 13 доктори и специјалисти, 8 апарати за механичка вентилација, преносен ехокардиографски апарат и апарат за гасни анализи.

На овој оддел треба да се овозможи 24-часовна грижа на најтешките форми на срцеви заболувања. Тука се мисли на стабилизација и лекување на акутна исхемична болест на срцето, акутно настаната срцева слабост, болести во спроводниот систем на срцето како и други животозагрозувачки состојби од срцево потекло. Кај најтешките пациенти, покрај медикаментозниот третман се овозможува вклучување на механичка вентилација, поставување на привремен пејсмејкер и инвазивни линии за следење хемодинамски параметри.

ЕКСКЛУЗИВНО: „Слободен печат“ открива што содржи извештајот за смртноста на државна Кардиохирургија

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот