Младенчиња од заштитен вид птици - голема пиштарка - Фото: Фејсбук/ Društvo za zaštitu i proučavanje ptica Srbije

ВИДЕО | По три дена борба за опстанок, спасени младенчиња од заштитен вид птица во Белград

Во центарот на Белград се случи необичен и вознемирувачки случај во кој беа загрозени младенчиња од заштитен вид птици — голема пиштарка (Tachymarptis melba). Пилињата неколку дена биле заробени во гнездата на познатата Палата „Албанија“, откако голем банер поставен на зградата им го блокирал пристапот на родителите до нив.

Случајот предизвика силна реакција во јавноста, а по отстранувањето на банерот, пилињата се ослободени. Според информациите објавени од „Нова“, најслабите и најзагрозените младенчиња се префрлени во Институтот „Синиша Станковиќ“, каде што се под постојан надзор на стручни лица.

Како што пренесува „Нова“ голем рекламeн банер поставен на Палатата „Албанија“ во еден момент целосно го блокирал пристапот до гнездата на големите пиштарки. Поради тоа, родителите птици неколку дена не можеле да стигнат до своите младенчиња и постојано кружеле околу зградата во обид да ги нахранат.

По бурната реакција на јавноста и активистите за заштита на животните, банерот конечно бил отстранет со помош на алпинисти. По неговото отстранување, возрасните птици повторно успеале да пристапат до гнездата, но дел од младенчињата веќе биле во влошена здравствена состојба.

Студенти од Ветеринарниот факултет во Белград информираат дека најзагрозените пилиња се префрлени во Институтот „Синиша Станковиќ“, каде што се обидуваат да ги стабилизираат и опорават.

„Сите пилиња кои беа во тешка состојба се преземени и пренесени во Институтот ‘Синиша Станковиќ’. Таму се грижат за нив и се обидуваат да ги опорават. Оние што останаа во гнездата исто така се под надзор на стручњаци и така ќе биде и понатаму“, изјавиле студентите за „Нова“.

Институтот „Синиша Станковиќ“ е научна установа во Србија која се занимава со биолошки истражувања и постои од 1947 година.

Друштвото за заштита и проучување на птиците на Србија (ДЗППС) претходно реагирало и побарало итно отстранување на рекламниот материјал, предупредувајќи дека тој го блокира пристапот до гнездата на строго заштитената птица.

„Овој вид се гнезди во кутиите на ролетните на прозорците на споменатата зграда, па сега на родителите им е оневозможен пристап до гнездата и десетици младенчиња веќе втор ден полека, но сигурно, умираат од глад. Возрасните единки панично удираат во прозорците од останатите страни на зградата во обид да стигнат до своите младенчиња“, наведуваат во соопштението.

Големата пиштарка е најголемиот вид пиштарка во Европа и е строго заштитена птица. Таа е преселна и во пролет пристигнува во овие краишта, каде што се задржува до средината на летото.

Овој вид се гнезди во пукнатини и отвори на високи згради и карпи, а во последните години сè почесто се адаптира на урбани средини како Белград и Нови Сад.

Големите пиштарки се исклучително интересни птици — можат да поминат долги периоди во лет, каде што се хранат, пијат вода и дури и спијат користејќи воздушни струења. Поради тоа, гнездото им е речиси единственото место каде што слетуваат.

Нивните нозе не се прилагодени за одење, но имаат силни канџи кои им овозможуваат да се задржат на вертикални површини, како фасади и карпести ѕидови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот