ВИДЕО: Нова боемска балада за сите генерации од дуото Дац и Александар

Популарното музичко дуо Дац и Александар денеска, на социјалните мрежи и на својот јутјуб-канал ја промовираа својата нова авторска песна, „Душа бакшиш“, боемска балада за сите генерации. Актерот Драган Спасов и кантавторот и продуцент Александар Митевски, на двегодишнината од нивното постоење како музичко дуо, на своите фанови им подаруваат нова песна проследена со видеоспот.

Според зборовите на Дац и Александар, оваа балада е продолжение на приказната на хитот „Уште ми фалиш“, која ја отпеаја на „Макфест“ пред две години, која веднаш влезе во срцето на публиката во земјава и пошироко.

– Народот сака искрени, тажни и љубовни песни, сакаат да се пронајдат во приказната што секому му се случила барем еднаш во животот. Нашите песни се такви, им враќаме спомени на луѓето, пееме за вистински исечоци од животот и токму таква е новата песна. За љубовта што ни фали, за луѓето што ги нема и ни фалат. Затоа вредеше во оваа песна да ја оставиме нашата душа „како бакшиш“ на музичарите кои не следат секогаш, и во тагата и во среќата – откриваат Дац и Александар.

Дуото Дац и Александар на 14 ноември го промовираа видеоспотот за баладата „Душа бакшиш“

Видеоспотот е снимен со екипата што ги работи сите нивни спотови, во автентична кафеанска атмосфера во култната дебармаалска гостилница „ДМ“ со учество на повеќе градски и маалски ликови. Нивните песни се пеат на живите свирки што постојано ги имаат низ Македонија и публиката нестрпливо очекува новата балада да се најде на нивниот репертоар во тие „евергрин вечери“.

– Секоја наша нова песна предизвикува интерес за фановите што ги имаме на нашата посетена фејсбук-страница, па така, за оваа веќе се очекува да се шири веднаш меѓу нашите фанови во Македонија, фановите што ги имаме во голем број во соседна Бугарија, Балканот и луѓето кои живеат со нашите песни во дијаспората. Земјава во моментов е под голем притисок на политиката и секојдневните случувања, пандемиската и енергетската криза, па затоа ние на народот сакавме да му подариме една убава музичка оддишка од секојдневието. Ние, впрочем, бевме со луѓето во текот на целата пандемија деноноќно, за полесно да се преброди таа глобална несреќа. Па, така, може да се каже дека „Душа бакшиш“ е вистински мелем за душата во овие тешки времиња.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 105, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот