ВИДЕО | Невообичаена ситуација на Оскарите – прогласен нерешен резултат во една од категориите за првпат по 14 години
На овогодинашните Оскари се случи реткост што последен пат беше видена пред повеќе од една деценија – беше прогласен нерешен резултат во една категорија.
Препорачано
Наградата за најдобар краток игран филм им беше доделена на две продукции, што предизвика изненадување во салата на театарот „Долби“ во Лос Анџелес.
Актерот Кумаил Нанџијани, кој ја презентираше оваа категорија, видливо изненаден го отвори пликот и ѝ рече на публиката: „Нерешено е. Не се шегувам, навистина е нерешено. Смирете се, ќе го надминеме ова.“
На изненадување на публиката, тој објасни дека прво ќе објави еден победник кој ќе излезе на сцената, а потоа уште еден.
На крајот, два филма го поделија Оскарот, „Пејачите“ на Нетфликс, од Сем А. Дејвис и Џеко Пијата, и „Двајца луѓе разменуваат плунка“ на Канал+, во режија на Александар Синг и Натали Мустеата.
За време на необичната ситуација, Нанџијани успеа да се пошегува: „Иронично е што наградата за краткиот филм ќе трае двојно подолго“.
Подоцна, водителот на церемонијата, Конан О’Брајан, додаде: „Честитки до двата тима – штотуку уништивте 22 милиони билети за предвидување на победниците“.
Инаку, нерешените резултати на Оскарите се многу ретки. Во историјата на доделувањето на наградите, тоа се случило само шестпати, а последниот пат беше во 2012 година во категоријата за монтажа на звук, кога наградата ја поделија филмовите „Небесен пад“ и „00:30 — Тајна операција“. Пред тоа, нерешен резултат беше забележан во категоријата краток игран филм во 1995 година, како и во категориите за глума, за најдобра глумица во 1969 година (Кетрин Хепберн и Барбра Стрејсенд) и за најдобар глумец во 1932 година.
Двајцата победници оваа година носат многу различни приказни. „Пејачите“ следи група странци во бар кои се обложуваат кој ќе пее подобро, додека „Двајца луѓе разменуваат плунка“ е сместен во дистописки свет каде што бакнувањето е забрането, а плаќањето се врши со шлаканици.
omg the SEVENTH tie in Oscars history just happened!!!! this time in the Live-Action Short category
Kumail Nanjiani: “It’s a tie! I’m not joking! It’s actually a tie, so everyone calm down!” pic.twitter.com/SHnbgZDCzX
— Spencer Althouse (@SpencerAlthouse) March 16, 2026


