ВИДЕО | „Нѐ прими со многу топлина“: Џина Лолобриџида се запознала со Јосип Броз Тито во 1973 година

Џина Лолобриџида / Фото: Скриншот/Јутјуб

Легендарната италијанска актерка и фотографка Џина Лолобриџида почина вчера на 95-годишна возраст.

Лолобриџида, која со децении го претставуваше италијанскиот стереотип за медитеранска убавица, во текот на својата долга филмска кариера запознала и голем број имиња од светската политичка сцена, меѓу кои и Јосип Броз Тито.

Во една прилика, актерката ја опишала средбата со југословенскиот претседател, која се случила на филмскиот фестивал ФЕСТ во Белград, во 1973 година.

„За време на мојата долга филмска кариера запознав многу луѓе, многу истакнати личности. Кога почнав да се занимавам со фотографија, запознав многу политичари – Фидел Кастро, Кисинџер, Картер, како и претседателот Тито“, вели Лолобриџида во архивската видеоснимка.

Џина Лолобриџида / Фото: COLLECTION CHRISTOPHEL / RnB / AFP / Profimedia

„Го запознав претседателот Тито во 1973 година. Бев поканета во Белград на филмски фестивал. По тој повод, на мое изненадување и големо задоволство, бев поканета во резиденцијата на претседателот Тито. Отидов со еден пријател. Тој нѐ прими со голема топлина и симпатија. Се сети на мене и на мојот поранешен сопруг, кој е Југословен. Кога Тито беше опериран за време на војната, мојот поранешен сопруг му беше асистент на професорот кој го оперираше“, рекла познатата актерка.

Џина додала дека со Тито разговарала за многу работи, а била воодушевена од неговата љубов кон фотографијата.

„Бидејќи тој е страстен вљубеник во фотографијата, нашиот разговор беше многу живописен“, се присетила таа.

Лолобриџида беше во брак со словенечкиот лекар Милко Шкофиќ нешто повеќе од две децении. Парот се запознал на една новогодишна забава, а се венчале во 1949 година. Една година по нивното венчавање, Шкофиќ се откажал од својата лекарска професија и почнал да ѝ биде менаџер на Лолобриџида, која полека, но сигурно станувала една од најпосакуваните актерки во тој период – од страна на режисерите, но и од машката популација. За време на нивниот брак, Лолобриџида и Шкофиќ добиле еден син – Андреа Милко Шкофиќ, а се развеле во 1971 година.

Повеќе на темата:

Животната приказна на Џина Лолобриџида: Италијанката на која убавината ѝ беше проклетство

Почина италијанската филмска дива Џина Лолобриџида

Еве зошто цел свет ја сожалува најубавата Италијанка: Жива е, а сите се грабаат за нејзиното богатство!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот