Мото-клуб „Мечки“ и „Ван Гог“ - Фото: Принтскрин/ Јутјуб

ВИДЕО | Мото-клубот „Мечки“ слави 18 години постоење — легендарните „Ван Гог“ им подарија рок-химна за полнолетството

Кумановскиот мото-клуб „Мечки“ (MK Bears) повторно ја бранува регионалната сцена, овојпат со еден сосема поинаков и траен уметнички потфат. По повод 18 години постоење на клубот, тие остварија соработка со култниот рок состав „Ван Гог“, претставена со моќно аудиовизуелно дело со наслов „Срце без граници“.

Официјалното лансирање на новиот видеоспот кој веднаш ги освои симпатиите на рок и бајкерската заедница, а членовите на клубот се огласија со емотивна порака, објаснувајќи го мотивот зад оваа соработка:

„Низ години дружење со бројни уметници, дојдовме на идеја оваа генерација на Мото-клубот ‘Мечки’ на своите наследници, меѓу другото, како трага да ѝ остави и музичко писмо. Бевме љубопитни и често се прашувавме дали нашата бајкерска приказна може да се „отпее“ и како креативните луѓе од различните сфери на творештвото ја доживуваат. Одговорот на многумина беше краток: „срце без граници“. На нашиот повик, во свој стил, со ноти и стихови да го „наслика“ нашето патување низ времето, со срце без граници, проговори групата ‘Ван Гог’“

Зад крајниот звучен печат стои заедничкиот аранжман на фронтменот Звонимир Ѓукиќ – Ѓуле и познатиот продуцент Војислав Аралица, кој воедно го потпишува миксот и целата продукција во белградското студио „Сиена“.

Звучната слика ја обоија препознатливиот вокал, гитарските рифови и звукот на мандолината на Ѓуле, поткрепени со моќниот ритам на Србољуб Радивојевиќ зад тапаните, кој ги отпеа и придружните вокали. Ова музичко парче дополнително го збогати самиот Аралица со своите изведби на гитара, бас гитара, клавијатури и програминг, додека за снимањето и дигиталниот едитинг беше задолжена Сања Ѓуричиќ.

Оваа експлозивна рок приказна фановите ќе можат премиерно да ја слушнат и во живо на претстојниот традиционален „Bears Moto Rock Festival“, кој ќе се одржи од 12 до 14 јуни 2026 година на спортскиот аеродром Аџи Тепе во Куманово. На Bears Moto Rock Festival 2026 ќе настапат рок групата „Ван Гог“, Дани Димитровска, шпанскиот блуз-рок бенд „Guadalupe Plata“, составот „Rok Apoteka и европскиот трибјут бенд „AC/DI“.

Овогодинешното издание на фестивалот и оваа соработка со „Ван Гог“ има посебно, јубилејно значење, бидејќи мото-клубот „Мечки“ со гордост го прославува своето полнолетство — 18 години успешно постоење, дружење и негување на бајкерската култура во Македонија.

Официјалниот видео-запис веќе е достапен на дигиталните платформи, со што МК „Мечки“ и „Ван Гог“ оставија парче рок историја која докажува дека бајкерскиот начин на живот и уметноста навистина немаат граници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот