ВИДЕО: Морничави сцени во Србија – вооружена група пука во село на границата со Унгарија

Фото: Твитер/принтскрин

Неколку вознемирувачки снимки се појавија вечерва на социјалните мрежи во Србија – на нив се гледа како група маскирани луѓе, вооружени со, како што изгледа, автоматско оружје, трчаат и пукаат во селото Хоргош, кое се наоѓа на самата граница на земјата со Унгарија, јавија српските медиуми.

Првото видео покажува група од околу 15 млади мажи како трчаат по улиците на селото и постојано пукаат во друга група која бега по улицата. На снимката се гледаат и неколкумина локални жители пред продавница, кои од шок не знаат каде да бегаат.

На друго видео, снимено од камера од куќа, јасно се гледаат неколкумина млади мажи со качулки, кои со автоматско оружје во рацете се движат низ селото. Групата застанува за момент и по кус договор, продолжува по улицата. Неколкумина носат торби во рацете.

Снимката, според објавите на социјалните мрежи, е направена денеска нешто пред 18:00 часот. Засега нема сигурни информации што точно се случило и дали некој е повреден при пукањето. Дел од медиумите објавија дека се судриле две групи мигранти, но тоа не е потврдено од полицијата, која досега не се огласи околу инцидентот.

Вечерва во селото било мирно, а локалните медиуми пишуваат дека постојано пристигнуваат полициски сили.

Хоргош изминативе години беше место на кое често се собираа илјадници мигранти кои се обидуваа да влезат во Унгарија, односно во ЕУ. По острите мерки за спречување од унгарска страна, селото генерално ја загуби „популарноста“ кај мигрантите како точка за влез во Унијата, но во него и натаму се собираат помал број мигранти.

Пред една недела во Хоргош се одржал состанок на кој жителите, во најголем број припадници на унгарското малцинство во Србија, „јасно ставиле до знаење дека во пограничното село има многу мигранти, криминалот цвета, а во селото нема полиција“, пишува порталот delmagyar.hu и посочува дека два дена по ова, само двајца полицајци патролирале низ центарот на местото, а „потоа не биле видени“ и „сѐ се вратило како што било“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот