ВИДЕО: Моќниот Бразил ја преслуша Јужна Кореја, во четвртфиналето дуел со Хрватска

Ришарлисон беше еден од стрелците за Бразил во триумфот над Јужна Кореја/Доха, Катар/5 декември 2022/фото: EPA-EFE/Tolga Bozoglu

Фудбалската репрезентација на Бразил денеска на стадионот „947“ ја совлада селекцијата на Јужна Кореја со 4:1 (4:0) во осминафиналето на Светското првенство во Катар.

Головите за Бразил ги постигнаа Винисиус Јуниор во седмата минута, Нејмар во 13 минута, Ришарлисон во 29 минута и Лукас Пакета во 36 минута. Стрелец на единствениот гол за Јужна Кореја беше Паик Сеунг-хо во 76. минута.

Бразил уште од првата минута воспостави темпо кое противникот не можеше да го следи. Шансите се редеа една по друга, Винисиус Јуниор искористи една во седмата минута и му донесе водство на својот тим. Бразилците имаа поголем посед на топката и се чинеше дека играта се одвива само околу шеснаесетникот на Јужна Кореја. По прекршокот над Ришарлисон во шеснаесетникот и досудениот пенал, Нејмар без проблеми беше прецизен од белата точка за 2:0.

Новиот гол за Бразилците го постигна Ришарлисон во 29 минута по одличната акција на тројца бразилски играчи, по што остана сам пред голманот кого рутински го матираше. Во слична ситуација во 36 минута се најде Лукас Пакета, кој исто така беше прецизен за 4:0.

Второто полувреме Бразилците го отворија исто како и првото, само што јужнокорејскиот тим беше поагресивен во одбраната, па Бразилците не добија лесно шанса за шут. Јужна Кореја имаше поголем посед на топка поради опуштената игра на Бразилците кои лесно ја губеа топката.

Во 76 минута Паик Сеунг-хо шутираше од далечина и само го ублажи поразот на азиската селекција.

До крајот на мечот немаше промена на резултатот. Репрезентацијата на Бразил во четвртфиналето на Светското првенство ќе се сретне со селекцијата на Хрватска која претходно ја елиминираше Јапонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот