Ливаковиќ е херој, им одбрани три пенали на Јапонците и ја одведе Хрватска во четвртфиналето

Доминик Ливаковиќ („Хрватска“) блескаше во пенал серијата против Јапонија/Ал Вакра, Катар/5 декември 2022/фото: EPA-EFE/Friedemann Vogel

Фудбалската репрезентација на Хрватска се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство во Катар откако во пенал серијата ја елиминираше Јапонија со 3:1. Резултатот беше 1:1 по регуларните 90 минути и двете продолженија.

„Коцкестите“ во четвртфиналната фаза ќе играат против победникот од вечерашниот дуел помеѓу Бразил и Јужна Кореја (20.00 часот).

Јапонците играа многу подобро во првото полувреме, имаа огромна самодоверба, повеќе ја контролираа топката и непосредно пред паузата во 43 минута дојдоа до позитива. По воиграна акција од корнер, следеше центаршут низ шеснаесетникот, Јошида ја врати топката од втората статива, а таму на петерецот чекаше Маеда кој стрелаше за 1:0.

Хрватите беа свесни дека мора подобро да играат и атакуваат што резултираше со израмнување во 54 минута, Ловрен центрираше, а со глава од околу 12-13 метри Перишиќ ги израдува „коцкестите“.

Во продолженијата немаше многу возбудувања, Хрватите беа видно уморни, па Златко Далиќ беше принуден дури и да ги извади Модриќ и Ковачиќ пред 100 минута. Единствениот вистински удар го имаше Митома во 105 минута, кога од далечина шутираше под пречката, но Ливаковиќ одлично одбрани.

Второто продолжение беше уште понеинтересно, практично помина без поголеми прилики, па пресудни беа пеналите.

Прва серија – Ливаковиќ го прочита очајниот удар на Минамино, Влашиќ прецизно шутираше во левиот агол за 0:1

Втора серија – Ливаковиќ пак брани, овој пат беше подобар во дуелот со Митома, Брозовиќ шутираше во средината за 0:2.

Трета серија – Асано го постигна првиот гол за Јапонија, а Ливаја бие во стативата – 1:2.

Четврта серија – Ливаковиќ одбрани и трет пенал, непрецизен беше Јошида, а Пашалиќ ја потврди победата на Хрватска – 1:3.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот