ВИДЕО | Мицкоски: Нема никаква амнестија ниту за Груевски ниту за 27 април

ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ (2)
Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: Слободен печат - Ристо Пејовски

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој застана на чело на опозицијата при обидот за преструктуирање на парламентарното мнозинство како резултат од поволниот исход за опозициските партии на локалните избори, беше гостин во денешното издание на „Утрински брифинг“.

Опозицијата во парламентот не успеа да го собори владиниот кабинет на Зоран Заев на гласање во Собранието, а Заев сега се обидува да создаде ново и поголемо парламентарно мнозинство а прва реакција на опозицијата потоа беше барање вонредни парламентарни избори.

– И сами велите дека Заев се обидува да создаде ново мнозинство. Како што стојат работите, сега позицијата има 59 пратеници и еден флуктуирачки кој не знае каде е, но претпоставуваме дека е или во седиштето на ДУИ во Мала Речица или на Бихаќка. Ние со Алтернатива имаме коректни односи и разговорите со нив продолжуваат, вели за „Утрински брифинг“, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски за Утрински брифинг на прашањето што како иден премиер би понудил, вели дека себеси сѐ уште не се гледа како премиер.

– Сѐ уште не се гледам себеси како премиер. Јас сум припадник на академската заедница, лидер на најголемата опозициска партија, лидер на опозицијата која има најмногу пратеници и градоначалници, а мојот сон е модерна, просперитетна Македонија исчистена од криминални структури. Немам роднини што се занимаваат со бизнис, вели Мицкоски за „Утрински брифинг“.

Со оглед на околностите дека се бараше ново мнозинство за нова Влада од редовите на сегашната опозиција, го прашавме Мицковски дали нема амбиции да биде премиер.

– Се разбира дека имам амбиции да бидам премиер. А мојата амбиција како иден премиер е Македонија членка на ЕУ, бидејќи веќе е членка на НАТО, вели Мицкоски.

Членството во ЕУ подразбира долг процес на преговори, оттука јавноста ја интересира која би била почетната позиција на ВМРО ДПМНЕ во долгите преговори.

– Имаме принципиелен став на реципроцитет. Она што сега се бара од нашиот источен сосед од Македонците нема никаква врска со вредностите на ЕУ. Ни за мене не претставува никаков проблем Бугарите да влезат во македонскиот Устав, ако Бугарија ги почитува пресудите на Стразбур во врска со засебноста на македонското малцинство таму. Но не може никој мене да ми оспорува дека Македонија има минато, да тврди дека е коминтерновска творба и дека Бугарите во 1945 нѐ ослободиле. Јас живеам во 21 век и сакам да зборувам за дигитализација и современи теми, вели Мицкоски.

Од новата бугарска партија која освои мнозинство и веројатно ќе формира Влада се очекуваше да може да се разговара на друго ниво, но последните изјави не велат така.

– Разочаран сум од тоа што го слушам овие денови од тие двајца луѓе што го предводеа новото во Бугарија, како студенти на Харвард, оти од нив како образовани луѓе се очекуваше да се занимаваат со модерни теми а не со минатото, но очигледно дека се потпаднати под влијанието на бугарскиот претседател Румен Радев, коментира Мицкоски.

Еден од условите за нашиот пат кон ЕУ, за кој како што се изјавува во јавноста тежнее и ВМРО ДПМНЕ е и Преспанскиот договор, но партијата јавно најавува негово преиспитување.

– Ставот сме го кажале стотици пати. Да сум среќен, не сум. Дали ќе ја применувам придавката, нема, Македонија ќе ја викам Македонија. Таа нова реалност е реалност на Заев. Прашањето е дали ние добивме европско здравство, образование, подобра економија, дали народот живее подобро и дали луѓето се посреќни. Дали сме излажани, да. Таа болна и тешка реалност ја донесе овој човек што сега ја води владата, вели Мицкоски.

Ако се вратиме на домашната сцена се чини дека опозицијата избега од одговорноста за неуспехот за преземање на владата, по што се побараа предвремени избори по три месеци, а сега се бараат избори веднаш. Зошто опозицијата инсистира на овие промени?

– Одговорот на тоа прашање го дадоа граѓаните на локалните избори. Реалноста во Македонија е дека оваа влада и мандатар немаат визија и стратегија и дека треба што поскоро да се одржат парламентарни избори. Сега имаме мандатар кој е седнат во скут и кој презел извесни обврски, вели Мицкоски.

Енергетската криза нема да заврши ни кога Мицкоски ќе биде мандатар.

Катастрофална е состојбата. ЕСМ набавило струја за 10 дена во ноември за 12 милиони евра. А допрва доаѓа зимата и студените денови. Проблемот е зошто не се делувало превентивно. Сега за да нема рестрикции тоа ќе чини многу пари. Јас предупредив во мај за ова и бев нападнат од владата дека не знам ништо, вели Мицкоски.

-Ако јас бев на местото на Заев, прво ќе ги наполнев државните резерви со нафта бидејќи цената тогаш беше многу ниска. Ќе резервирав гас по тогашната ниска цена. Те-То немаше денес да биде во оваа состојба сега. Проверете кој ги набавуваше државните резерви. За ова што се случува денес со енергијата зборуваат и светските лидери. Но, тие се соочуваат со скапи енергенси, а ние и со скапи и со недостаток на енергенси. Тука станува збор за појава на картели. Погледнете ги кога влегуваат во власта како просечни луѓе, а излегуваат како милијардери. Сеедно од која власт се. Јас сметам дека кој се огрешил треба да одговара, вели Мицкоски.

Со оглед на тоа што значителен број негови сопартијци се соочуваат со судски процеси или со високи казни по завршените процеси, го прашавме Христијан Мицкоски дали размислува за амнестија за случаите за 27 април, сопартијци кои се огрешиле пред закон

– Секој кој се огрешил ќе одговара. Каква амнестија, какви бакрачи? Правото е неприкосновено. Друга работа е дали судството ни е независно. Ако сакаме функционална држава тогаш мора преку системот да се бориме против корупцијата. Не може еден просечен вработен во администрација во Прилеп да има возен парк од стотици илјади евра, вели Мицкоски за „Утрински брифинг“.

Како ќе реагира ВМРО ДПМНЕ и каков ќе биде односот кон градоначалничката Арсовска која не сака да го продолжи аранжманот со БРТ.

– Така беше со клиничкиот центар, се менуваше локацијата и сега сме до никаде. Во 2016 година започнат проект за клиничка болница во Штип која многу бавно се гради и ЕБРД реагира. Проектот БРТ не е ни започнат, вели Мицкоски.

Арсовска имаше супериорна победа. Дали ќе има конфликт околу формирањето нејзина градска влада дали ќе внесете свои луѓе?

– Не, апсолутно. Сѐ додека градоначалникот работи и додека јас сум го ветил она на граѓаните се реализира нема да има проблем. Ние ја поддржавме нејзината програма и очекуваме да се спроведе, вели за „Утрински брифинг“, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски: Сѐ уште не се гледам себеси како премиер, но имам амбиции

Мицкоски: За односите со соседите имаме принципиелен став за реципроцитет

Мицкоски: Секој кој се огрешил ќе одговара, каква амнестија какви бакрачи

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот