Фото: Profimedia

ВИДЕО | Марго Роби најави жешки сцени во новиот филм: „Џејкоб Елорди ме остави без здив“

Марго Роби откри нови детали за својот претстојен готски еротски филм „Оркански височини“, во кој игра заедно со ѕвездата од „Еуфорија“, Џејкоб Елорди. Веќе од објавувањето на провокативниот трејлер во септември, филмот предизвика големо внимание.

Филмот го режира Емерaлд Фенел, позната по контроверзниот „Saltburn“ од 2023 година, во кој исто така глумеше Елорди. Покрај Роби и Елорди, во актерската екипа се и Овен Купер, Хонг Чау и Шазад Латиф.

Повеќе романтично отколку провокативно

Во пресрет на премиерата најавена за февруари 2026 година, Роби во интервју за „Вог“ проговори за „жешките“ сцени, делумно прикажани во трејлерот. Таа ги опиша како „испотени тела испреплетени со кадри од масни прсти кои мачкаат тесто“. Сепак, додава дека филмот „оди до крај“ на сосема неочекуван начин.

„Сите очекуваат дека ќе биде многу, многу развратен. Мислам дека луѓето ќе бидат изненадени. Не велам дека нема сексуални елементи – има, дефинитивно е провокативно – но е повеќе романтично отколку провокативно“, објасни таа.

Епска романса каква одамна не сме виделе

Роби го опишува филмот како „голема, епска љубовна приказна“, споредувајќи го со класици што оставиле силен белег.

„Помина многу време откако сме имале таква љубовна драма – можеби нешто како ‘Тетратката’, или ‘Англискиот пациент’. Мора да се вратиме децении наназад“, рече актерката.

Женски поглед на страста

Таа откри дека со режисерката Фенел разговарале за тоа „што изгледа возбудливо, привлечено или секси“, истакнувајќи дека тоа не се сведува само на голотија или сексуални пози. Како пример ја спомна сцената во која Хитклиф (Елорди) ја подигнува Кетрин (Роби) со една рака, додека со другата ја штити од дождот.

„Буквално ми попуштија колената“, призна Роби.

Ова, според неа, се моментите што се најважни: „Тоа беа ситниците во кои уживавме како две жени во триесеттите, а филмот е создаден токму за нашата генерација. Вакви епски романси и историски филмови ретко се во режија на жени.“

Физички ефект врз гледачот

На крај, Роби уште еднаш ја пофали уникатната визија на Фенел, која, како што вели, создава силна телесна реакција кај гледачот.

„Тоа е оној момент кога градите ви се креваат, или кога чувствувате удар во стомак и останувате без воздух. Без разлика дали е возбуда или одбивност – нејзината супермоќ е предизвикување физичка емоција“, заклучи Роби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот