ВИДЕО | Малата Аја е чудото на Сирија

Малата Аја е во инкубатор во болница во Африн - Фотографија Profimediа

Илјадници веднаш се понудиле да го посвојат девојчето, но тешко дека некој ќе може да ја раздели Аја од директорот на болницата, кој веќе има четиримесечно бебе со својата сопруга. Мајката сега ги дои двете бебиња

Илјадници семејства се понудиле да го посвојат девојчето што беше родено под урнатините на зграда во Џиндајрис во северозападна Сирија. Кога спасувачите го пронашле новороденчето, тоа сѐ уште било поврзано со својата почината мајка преку папочната врвца. До нив биле мртвите тела на таткото и на уште четири деца.

Девојчето го доби името Аја, што на арапски значи „чудо“. Бебето заздравува од повредите во инкубатор во болница во Африн.

– Ја донесоа во многу лоша состојба, имаше модринки и отоци, беше измрзната и едвај дишеше. Сега е во стабилна состојба – вели докторот Хани Маруф, педијатрот што се грижи за неа.

Чудото од Џиндајрис се расчу низ целиот свет откако беше објавена снимката како Халил ал Сувади, далечен роднина на семејството, трча од урнатините носејќи во прегратка бебе прекриено со прав. Илјадници веднаш се понудиле да го посвојат девојчето, и мештани од Африн, кои директно му се јавиле на директорот на болницата, но и многу повеќе од целиот свет, кои се нуделе „да ѝ овозможат удобен живот“. Тешко е, сепак, дека некој ќе може да ја раздели Аја од директорот, докторот Халид Атијах, кој веќе има четиримесечно бебе со својата сопруга. Мајката сега ги дои двете бебиња.

– Не дозволувам никој да ја посвои. Додека не се вратат нејзините роднини, таа е моја ќерка – изјави Атијах.

Чудесната судбина на малата Аја е веројатно единствената убава вест од Џиндајрис и од целиот регион во северозападна Сирија погоден од катастрофалните земјотреси. Уништени се 90 отсто од сите објекти во градот, многумина се загинати и не се знае уште колкумина се под урнатините. Помош не доаѓа од никаде и луѓето од Џиндајрис самите, без опрема и механизација, се обидуваат да наслушнат преживеани и да ги извлечат.

Битка со времето се води и за преживеаните што останале на студ. Помагаат активисти од групата Бели шлемови, кои за време на граѓанската војна привикнале да згрижуваат повредени и луѓе што останале без домови.

Сириските власти објави дека на територијата што ја контролираат загинале повеќе од 3.000 луѓе. Нема информации колкумина загинале на териториите што ги контролира опозицијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот