ВИДЕО | Левица поднесува закони против партиските вработувања и против дискриминација на бремените жени
Пратеничката група на Левица најави дека ќе поднесе предлог за два закони во Собранието, со цел, како што соопшти пратеникот Амар Мециновиќ, да се стави крај на неправдите во јавното здравство и на системската дискриминација на бремените работнички.
Препорачано
Првиот закон се однесува на процесот на вработување во јавното здравство, кој, како што рече Мециновиќ, и покрај формалните законски одредби за транспарентност, во пракса е партизиран.
„Иако законот за здравствена заштита предвидува јавен оглас и рангирање врз основа на стручност и компетентност, во пракса се случува спротивното. Членот 161 му дава дискреционо право на директорот на здравствената установа да избере кого ќе вработи, дури и ако тој кандидат не е прворангиран. Следствено, имаме бројни случаи кога најдобрите кандидати не беа избрани, а целата постапка се сведуваше на формалност со однапред познати одлуки“, изјави Мециновиќ на денешната прес-конференција во Собранието.
Тој нагласи дека ваквата практика довела до обесхрабрување на младите и квалитетни здравствени работници, губење на довербата во институциите и одлив на дефицитарен медицински кадар во странство.
„Предлагаме едноставно и јасно решение. Во член 161 се додава една реченица која гласи: ’Работодавниот орган мора да го избере најдобриот кандидат согласно редоследот на ранг листата’. Ова значи крај на дискрецијата и крај на партиските вработувања и клиентелизмот во јавното здравство“, порача Мециновиќ.
Вториот предлог закон се однесува и на измени во Зконот за работни односи и има за цел да се заштитат бремените жени кои работат со договор на определено време.
„Иако формално законите забрануваат дискриминација врз основа на бременост, во пракса постои сериозна правна дупка. Бремената работничка ги ужива сите права додека трае договорот, но со истекот на договорот на определено време ги губи сите права поврзани со бременоста и родителството. Ова е чиста институционално дозволена дискриминација“, рече Мециновиќ.
Левица предлага три клучни измени: автоматска трансформација на договорот на определено во неопределено време со доставување на лекарска потврда за бременост, бришење на можноста за престанок на работен однос поради истек на договорот и воведување строги казни за работодавачите кои нема да ја почитуваат оваа обврска.
Пратеникот потсети дека Левица и претходно предложила мерки како дуплирање на породилното отсуство, флексибилно работно време за млади родители во првите пет години од животот на детето и бесплатен превоз за млади родители, но ниту една од нив не била прифатена.
На крај најави дека двата законски предлози ќе бидат доставени до сите пратеници и повика на нивна поддршка.


