ВИДЕО | Кралот Чарлс се испроба како диџеј: Монархот одлично се снајде зад миксетата во Манчестер
Кралот Чарлс Трети со насмевка застана зад диџејската маса и се обиде да микса музика за време на посетата на Манчестер. Тој се сретна со млади луѓе кои добиле поддршка од фондацијата „King’s Trust“, при обиколката на „Aviva Studios“, дом на градската уметничка организација „Factory International“, пренесува „Скај њуз“.
Препорачано
22-годишниот диџеј во подем, Кристијан Сент Луис од Мидлтон, го покани кралот да застане зад пултот. Додека му објаснуваше како функционира опремата, тој рече:
„Прво ги вчитува песните, па ја пушташ оваа. Има многу копчиња, но кога ќе научиш што да правиш, лесно е“.
Кралот се движеше во ритамот на музиката, додека еден од присутните прокоментира:
„Не е толку лесно како што изгледа, нели?“

Сент Луис, кој претходно живеел во источен Лондон, му раскажа дека курсот за диџејство преку фондацијата му бил „повеќе од корисен“.
„Отсекогаш сакав да бидам диџеј. Сега знам дека можам“, изјави тој.
Тој додаде дека моментално бара работа за да заштеди пари и да си купи сопствена опрема, со цел во иднина да издаде EP.

За време на посетата, кралот доби и парче торта како подарок.
Во 2024 година, „King’s Trust“ (поранешен „Prince’s Trust“) се здружи со фондацијата „Elba Hope Foundation“, основана од актерот и диџеј Идрис Елба и неговата сопруга Сабрина, за да го лансира проектот „Creative Futures“.
Оваа иницијатива нуди бесплатни курсеви со цел да ги инспирира младите преку уметноста и да им помогне да изградат вештини и самодоверба за работа во креативните индустрии.
Инаку, и самиот Елба бил поддржан од фондацијата како тинејџер.


