ВИДЕО | Кочани: Како може осомничен за трагедијата во „Пулс“ да оттуѓува имот, прашаа семејствата на загинатите
Како е возможно лице поврзано со трагедијата во „Пулс“ со 63 жртви кое е дел од истрага или во јавноста се споменува како осомничено, слободно да оттуѓува имот без судска забрана и јасна контрола за потеклото на средствата, прашаа денеска на Маршот за ангелите во Кочани семејствата на загинатите.
Препорачано
Наведоа дека ова е системско и легитимно прашање кое не се однесува на лична критика туку на еднаквост пред законот. На маршот семејствата изнесоа транспаренти со содржина „Ова можеше да биде секој од нас, правда за нашите другари“.
Дел од родителите побараа ОЈО ГОКК да го каже рокот во кој ќе ја заврши истрагата.
-Нема да дозволиме овој случај да стане уште една затурена папка. Ќе бидеме тука додека правдата конечно не биде испорачана. Правдата што доцни не е правда, рече на Маршот за ангелите друга мајка.
Маршот започна со едноминутен молк во „Паркот на Револуцијата“ во Кочани. Родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ денеска им дадоа поддршка на тужените млади лица против кои е поведена постапка, откако против нив е поднесена приватна тужба за демолирањето на кафулето, кое го поседуваше сопственикот на „Пулс“. Овој настан се случи на 17 март лани во Трговскиот центар во Кочани, ден после трагичниот пожар, чиј епилог се 63 починати лица и над 200 повредени.


