ВИДЕО | Клои Кардашијан се чувствува понижено и изиграно по изјавата на поранешниот сопруг Ламар Одом
Драмата меѓу Клои Кардашијан и нејзиниот поранешен сопруг Ламар Одом повторно е актуелна откако кошаркарот јавно ја обвини дека лаже за деталите поврзани со неговото предозирање во 2015 година. Иако Клои прифати да се појави во новиот документарец на „Нетфликс“, „Untold: The Death & Life of Lamar Odom“, за да му помогне на поранешниот сопруг, работите тргнаа наопаку по неговото гостување во емисијата „Тудеј“, пренесува „Дејли мејл“.
Препорачано
Таму Ламар ја нарече Клои „лажга“ и изјави дека Бог, а не таа, е заслужен за неговото преживување.
„Се чувствувам како будала“
Клои не остана должна и во својот последен поткаст „Khloe in Wonder Land“ отворено проговори за разочарувањето.
„Се чувствувам толку глупаво. Лута сум што воопшто прифатив да бидам дел од овој документарец. Ме убедуваа дека ќе биде позитивна приказна, а сега тој инсинуира дека сум лажга и ме дискредитира, тврдејќи дека не сум му помогнала“, изјави разочараната старлета.
Клои нагласи дека не добила „ниту денар“ за појавувањето во филмот и дека тоа го направила исклучиво како услуга за Ламар.
Главниот конфликт настана околу изјавата на Клои дека таткото на Ламар, Џо Одом, побарал од неа да ги исклучи апаратите додека кошаркарот бил во кома. Ламар тврди дека тоа е измислица.
„Џо рече: ’Не го ставај на апарати, исклучи ги машините‘. Се сеќавам дека влегов, изгледаше како сцена од филм. Му реков: ’Извини Џо, јас сè уште сум негова сопруга‘. Потоа побара 100 долари, патики ’Најк‘ и хотелска соба, си замина и никогаш не се врати“, се присети Клои на трауматичниот настан.
Ламар, пак, тврди дека неговиот татко никогаш не би го рекол тоа и дека Клои не ја кажува вистината.
Траума наместо благодарност
Клои истакна дека за неа е болно постојано да се навраќа на периодот кога Ламар преживеа 12 мозочни удари и 6 срцеви напади.
„Мислат ли луѓето дека сакам да зборувам за ова по цел ден? Не, тоа е трауматично. Го чував тоа во себе 11 години, а сега тој се обидува да ме наклевети затоа што не му се допадна реакцијата на јавноста по документарецот“, заклучи таа.


