Јана Бурческа - пејачка / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

ВИДЕО | Јана Бурческа за „Утрински печат“: Нема повеќе да чекате 6 години за нова песна од мене

Шест години по Евровизија, три години по ковид-пандемијата, Јана Бурческа се враќа на голема врата на музичката сцена со новиот сингл „Home Alone“.

„Шест години од Евровизија, значеа за мене и шест години пауза од создавање музика…“, вели Бурческа за „Утрински печат“.

Јана е позната по својот сензибилитет и автентичен вокал. Нејзиниот стил на пеење и музика спаѓа под нео-фанк, соул, па и поп. Последниот нејзин перформанс беше пред шест години…

„Во музиката речиси сѐ е измислено, слушни една песна ќе наидеш на десетици кои наликуваат на неа, меѓутоа, разликата ја прави начинот на изведба и чувството кое го дава изведувачот“, вели Бурческа.

Не можеме да кажеме дека целосно „исчезна“ од македонската сцена и од музиката, бидејќи Јана во меѓувреме, почна да работи како музички новинар во Македонската Радио Телевизија каде преку ТВ-емисија промовира млади македонски музички изведувачи. Меѓутоа, како што вели за „Утрински печат“, сега дошол моментот кога таа сфатила дека е подготвена сама себеси да си даде поддршка и да се охрабри и уште еднаш да го „отпечати“ талентот кој го поседува. А тоа е музиката.

„Рефренот иницијално ми дојде, буквално, додека бев сама дома. Верувам дека и ти и многу луѓе кои ќе го гледаат ова видео се соочиле со такви мисли… ‘Што ако, не знам, некој провалил дома? Што ако сум ја заборавила пеглата вклучена ноќеска?…’ Текстот на песната е на англиски јазик“, вели Бурческа за нејзиниот најнов сингл „Home Alone“.

„Можеби треба да научам и повеќе да се борам за работите кои ги сакам. Иако, ‘Home Alone’ е доказ дека сум напреднала.“

Бурческа првпат го покажа својот музички талент во 2011 година откако се натпреваруваше во македонското музичко шоу „Македонски идол“. Најголем печат во нејзината музичка кариера секако е нејзиниот настап на евровизиската сцена. Јана во 2017 година со евровизиската песна „Dance Alone“ гордо ја претстави Македонија на изборот за песна за Евровизија што се одржа во Украина, каде со нејзиниот перформанс ги освои срцата на евровизиските фанови.

Таа учествуваше во второто полуфинале на натпреварот, но не успеа да се пласира во финалето. Во нејзината евровизиска разгледница, емитувана пред нејзиниот настап, Јана ја објави својата бременост, а подоцна истата вечер, кога водителот Тимур Мирошниченко ја интервјуираше во етер, нејзиното момче Александар ја запроси пред целата публика.

Бурческа во октомври 2017 година роди девојче по име Дона, која сега има 6 години и дури несвесно ги следи стапките на своите родители.

Таа во моментот ужива во фидбекот кој го добива од нејзиниот нов сингл кој ги изненади и фановите и медиумите.

„Малку ќе си дадам време да здивнам, но не предолго… Нема да чекате шест години за нова песна од мене“, додава Јана за „Утрински печат“.

За нејзиниот креативен процес вели дека едноставно идеите ѝ се „вртат во некоја фиока“ во нејзината глава каде што си ги снима во форма на гласна порака и ги праќа на нејзиниот продуцент кој понатаму ѝ помага во мелодиите и финализирањето на песната.

Така и настанал нејзиниот најнов сингл „Home Alone“ за кој сними и видеозапис. Јана овој период ќе спрема и нешто повеќе од синглови, но за тоа, останува да видиме…

Проследете го целосното интервју со Јана во следното видео:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот