Фото: Скриншот / Јутјуб / Франс 24

ВИДЕО | Иран поседува над 5.000 морски мини: дали овие експлозиви можат да ги распарчат танкерите во Ормускиот Теснец?

Постојат повеќе видови морски мини: пловечки, закотвени, мини на дно и магнетни мини, секоја со различен механизам и разорна моќ.

Иран врши притисок врз еден од клучните светски поморски трговски правци, Ормускиот Теснец, со закани за напади врз трговски бродови и врз танкери. Според проценките на американската Агенција за одбранбено разузнавање, Техеран располага со повеќе од 5.000 морски мини, објави „Њујорк тајмс“.

Американски претставници тврдат дека Иран веќе започнал со нивно поставување, иако Техеран ги негира овие наводи.

Постојат повеќе видови поморски мини. Пловечките мини се движат на површината или веднаш под неа и експлодираат при директен контакт. Закотвените мини се прицврстени за морското дно и лебдат на одредена длабочина, детонирајќи кога ќе се судрат со брод. Мините на дно се поставуваат на морското дно и се активираат со сензори што регистрираат присуство на брод или подморница. Постојат и магнетни, т.н. лепливи мини, кои нуркачите ги поставуваат директно на трупот на бродовите и се активираат по одредено време.

Според американскиот весник, географските карактеристики на Ормускиот Теснец му одат во прилог на Иран. Долгото крајбрежје на јужната страна овозможува мали пловила бргу да излегуваат на море и да поставуваат мини, додека, пак, тесните пловни канали оставаат малку простор за маневрирање. Во најтесниот дел, водата е длабока околу 60 метри, што ја прави погодна за поставување мини.

Морските мини се користат со децении. Во текот на Првата светска војна доминирале закотвените мини, додека за време на Студената војна се проширила употребата на мините на дно, кои носат поголемо количество експлозив и се активираат со комбинација од различни сензори.

Иран поседува и магнетни мини кои не се наменети веднаш да го потопат бродот, туку да предизвикаат доволно штета за тој да не може да продолжи со својата мисија.

Современите танкери имаат двоен труп за да не се излее нафтата

Сепак, современите нафтени танкери се конструирани со двоен труп за да се намали ризикот од излевање нафта. Дури и ако експлозија го пробие надворешниот слој, внатрешниот може да остане недопрен. Покрај тоа, тие имаат водоотпорни прегради што можат да се затворат за да се спречи поплавување.

Иако минските полиња може релативно бргу да се постават, нивното расчистување е бавен и сложен процес, особено ако се водат борби. За откривање на мините се користат далечински управувани подводни возила со сонар, а потоа тие се уништуваат со експлозив или се деактивираат од нуркачи.

Италија демантира текст на „Фајненшал тајмс“: Не преговараме со Иран за да дозволи премин на италијански бродови низ Ормускиот Теснец

Отпадот ги крие мините

Дополнителен проблем претставува морското дно, кое е полно со отпад, потонати бродови и други објекти што ја отежнуваат детекцијата на мините.

Понекогаш наместо поединечно пребарување се применува метод на активирање на мините со имитирање сигнали од бродови, но овој пристап не секогаш функционира и може да остави неексплодирани мини во водата.

За повторно отворање на Ормускиот Теснец не е неопходно да се отстранат сите мини. Доволно е да се расчистат безбедни коридори низ минските полиња низ кои бродовите можат да поминуваат.

Иран сака да ги поставува мините побрзо одошто САД ќе ги отстранува

Американските претставници сметаат дека иако иранското минирање не се одвива со голема брзина или ефикасност, Техеран веројатно се надева дека ќе поставува мини побрзо отколку што САД ќе можат да ги отстрануваат, со што би се создавале дополнителни доцнења во пловидбата.

Слична ситуација имало во 1991 година, кога Ирак поставил повеќе од илјада мини во Персискиот Залив. Тогаш на сојузничките сили им биле потребни речиси два месеца за да го исчистат кувајтскиот брег. Иако технологијата денес е значително напредната, операциите за расчистување и натаму се сложени.

Претходно неделава, Централната команда на САД изврши напад врз 16 ирански бродови за поставување мини. На објавените снимки се гледа како американската муниција погодува девет од нив, од кои дел биле закотвени во пристаништа.

Америка може да се реши за друга стратегија

Иако САД тврдат дека уништиле поголеми бродови кои можеле бргу да поставуваат мини, според разузнавачки информации, Иран започнал да користи помали чамци за истата намена.

Според американски претставници, целосно уништување на сите ирански капацитети за поставување мини би значело напад врз голем дел од цивилната поморска инфраструктура на Иран.

Поради тоа, американската војска може да се реши за друга стратегија – постојан надзор со вооружени дронови над теснецот, кои би можеле веднаш да нападнат секој брод за кој ќе се утврди дека поставува мини, заклучува „Њујорк тајмс“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот