Протест во Иран/Фото: EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

ВИДЕО | Иран: Најмалку шест луѓе загинаа во антивладините протести

Неколкумина луѓе се убиени за време на немирите во Иран, соопштија вчера иранските медиуми и групите за човекови права, додека најголемите протести што ја погодија Исламската Република во последните три години поради влошувањето на економските услови предизвикаа насилство во неколку провинции, пренесува Ројтерс.

Полуофицијалната новинска агенција Фарс објави дека тројца демонстранти се убиени, а 17 се повредени за време на напад врз полициска станица во западната иранска провинција Лорестан.

Демонстрантите бараат промена на режимот, гневни поради економската криза и ја обвинуваат теократската влада на Иран за корупција и лошо управување.

Според новинската агенција Иран Интернешнл, на улиците на големите градови тие скандираат слогани против врховниот лидер Али Хамнеи и во корист на протераниот принц Реза Пахлави, најстариот син на шахот Мохамед, кој „падна“ со Иранската револуција во 1979 година, по 37 години владеење.

Според неодамнешниот извештај на иранските новински агенции, шест лица (официјално) ги загубиле животите во судирите меѓу демонстрантите и безбедносните сили, додека претходните извештаи споменуваа само три.

Смртните случаи се регистрирани во Западен Иран, додека 30 лица беа уапсени во среда во Техеран под обвинение за „нарушување на јавниот ред“.

ВИДЕО Ескалираат протестите во Иран: Улиците горат, има и мртви

„Општата болка се претвори во крик на улиците. Четири дена, народот се крена, не за да се жали, туку за да бара промена“, напиша наградуваниот ирански режисер Џафар Панахи на Инстаграм, опишувајќи ги протестите од последните денови како „востание“ за „движење на историјата напред“.

Во четврток беа пријавени судири во неколку градови, при што демонстрантите напаѓаа владини згради и полициски станици, а полицијата одговори со боева муниција.

На пример, видеа од градот Аџна (запад) на социјалните медиуми покажуваат луѓе со маски како палат автомобили и фрлаат камења во близина на полициска станица, а во позадина се слушаат истрели.

И во Хамедан (запад), „група демонстранти се обиде да запали џамија (…), но нивната злонамерна акција беше спречена“, според агенцијата Тасним.

Како што се ширеше протестното движење, израелскиот Мосад ги повика иранските демонстранти да не се плашат од репресија и да излезат на улиците, уверувајќи ги дека е „таму со нив“.

Иран и Израел се непријатели уште од соборувањето на шахот и воспоставувањето на Исламската Република во 1979 година.

ВИДЕО Ескалираат протестите во Иран: Улиците горат, има и мртви

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот