ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Стевчо Јакимовски: Антиградежна хистерија треба да престане, Карпош следната година ќе се развива плански

Стевчо Јакимовски, градоначалник на Карпош/ ФОТО, Слободен печат

Оваа година во изминување, 2022, беше стабилизациона година за општината. Од 5,5 милиони евра долг и блокирана сметка, денеска имаме состојба со само 340.000 евра долг. Во година на антиградежна хистерија и скромни приходи од делот на градежништвото како резултат на поништените урбанистички планови буџетот и следната година ќе биде лимитиран.

Сепак, од оние проекти кои ќе се позначајни за карпошани за следната година можам да ги издвојам завршувањето на новата општинска зграда, надминувањето со проблемите со осветлувањето, реконструкција на повеќе фасади, но и еве, конечно, екслузивно за „Слободен печат“ можам да најавам урбанизација на Бардовци и градење на нов комплекс за живеење на млади брачни парови таму. Ова, меѓудругото, го истакна градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски при гостување во емисијата „Утрински печат“.

Јакимовски во разговорот се осврна за проблемот со паркирањето во општината Карпош.

– Јас сум човек со одлична меморија и знам што сум ветил во предизборната кампања. Овдека сакам да истакнам дека годинава што изминува Карпош враќаше долгови кои го обременуваа буџетот. Следната што доаѓа исто така имаме лимитиран буџет за развој, но се надевам дека во месеците што ќе дојдат ќе се направи ребаланс на општинската каса со кој ќе се исполнат овие проекти, односно изградба на монтажните гаражи за паркирање во населбите Карпош 1, 2 и во Влае – истакна Јакимовски.

Тој додаде дека општината заедно со советниците работат на краткорочен но и долгорочен план за решавање на паркирањето во Карпош.

– Иако сум бил голем противник на зонското паркирање, многу веројатно тоа ќе биде една од можностите за решавање на овој проблем во Карпош. Наш план е населбите Карпош 1 и 2, Владо Тасевски и делот кај Млечен ресторан но и од министерството за Економија до Салон 29 да се воведе зонско паркирање. Во моментов бирократските процедури се кочница за остварување на овој проект, но се надевам во годината што следи ќе ги добиеме потребните дозволи од МВР и оваа постапка ќе се реализира – истакна градоначалникот Јакимовски.

Првиот човек на општината Карпош се осврна и на градежната експанзија во општината. Според Јакимовски општината повеќе нема да дава дозволи за градба доколку инвеститорите во своите проекти не предвидат соодветни паркинг простори за станарите на идните станбени единици. Како што истакна тој во договор и согласност со граѓаните но и идните инвеститори подобро е во иднина општината да гради згради во висина а не во ширина.

– Изминтите четири години општината Карпош реконструирала само една фасада на станбен објект во општината. За следната година се планирни средства за реконструкција на повеќе објекти и тоа на оние згради по улицата Теодосиј Гологанов. Треба да се реконструира фасадата на зградата лоцирана на ул. Братфорска 21. Понатаму зградите со бр.41 и 47 на Јури Гагарин како и зградата со бр. 28На истоимената улица но и четирите руски згради после студенскиот дом Гоце Делчев – посочи Јакимовски.

Градоначалникот на Карпош говорејќи за недовршените фасади на здрадите на Партизанска од страна на инвеститорите и онаа на ул. Веселин Маслеша бр.3 истакна дека вината граѓаните треба да ја бараат кај инвеститорите а не кај општинските власти за таквата состојба на нивните згради.

Градоначалникот Јакимовски во разговорт во студиото зборуваше и за реконструкцијата на спортската сала Партизан во Карпош 4, за повеќе реконструкции на дотраените кровови и лифтови во зградите во општината но и за субвенцијата на младите жители на Карпош во однос на полагањето на возачките дозволи.

Повеќе од разговорот со градоначалникот Стефчо Јакимовски погледнете во видеото во продолжение..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот