ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Фризер стана пчелар по првата кошница што ѝ ја купил на сопругата за 8-ми март
„Слободен печат“ се обиде да одговори на вечното прашање кој е вистинскиот мед и по што да го препознаеме? Во потрага по вистинската тегла мед, но и совети за правилно конзумирање одговор побаравме од пчеларот Александар Карафилоски. Неговата приказна со пчелите започнала пред десет години, кога одлучил на сопругата за Денот на жената 8-ми март да ѝ подари сандак пчели.
– Јас почнав да одгледувам пчели од пред десет години. Порано работев како фризер. Првично земавме за занимација два -три сандаци. Многу пати во шега говориме со сопругата, да не беше 8-ми март кога ги купив пчелите, како подарок за неа, денес немаше да бидам пчелар. И оттогаш успешно се развиваме во овој бизнис- вели Карафилоски.
Нашиот соговорник открива дека за пчеларството научил преку самостојна едукација, читал многу литература и истражувал на интернет.
-Благодарение на јутјуб каналот стекнуваме многу искуства, а најмногу од работата директно со пчелите. Никогаш не сум побарал помош од пријател. Нормално, кога работиш некогаш и ќе згрешиш, но од грешките се учи- вели тој.
Карафилоски ни откри совршен начин за употреба на медот. Според него медот е здрава намирница која задолжително ја препорачуваат лекарите и нутриционистите. Вообичаено, медот се препорачува рано наутро, една кафена лажица на гладно, во чај или како дел од појадокот.
Погледнете го целото интервју на колешката Александра Вуксановиќ тука: