ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | „Фрајле“ ексклузивно за „Слободен печат“: Да се сретневме со Тоше, сигурно ќе снимевме нешто заедно

Фрајле/Слободан Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Македонската публика ќе има можност да ужива во серијата концерти на популарното новосадско трио „Фрајле“, кое ќе гостува на 15 и 16 март во Македонската филхармонија, на 13 март во Битола и на 17 март во Струмица. Секогаш позитивни, весели и талентирани, харизматичното трио составено од Невена, Наташа и Јелена, беше дел од емисијата „Слободен печат“, каде што раскажаа за тоа што можеме да очекуваме на концертите, нивните планови и некои интимни моменти што ги врзуваат за Македонија.

Јелена: Морам да кажам дека имаме многу публика во Македонија и свесни сме за тоа од првиот ден. И ние ја сакаме Македонија и мислиме дека таа љубов е заемна, имаме верна публика и тоа е така од самиот почеток. Оваа година славиме 15-ти роденден и сега сме најдобри, најлуди, полни со енергија, како што тоа се случува во тие години. Кога го смислувавме името на бендот, сакавме да избереме некој збор, кој ќе го карактеризира тоа што сме ние женска група од Војводина, а таму „фрајле“ значи госпоѓица, дама, така што тоа беше одличен збор што ќе нѐ окарактеризира и еве, тука сме 15 години.

Фрајле/Слободан Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Зад себе имаат многу хитови, настапи, албуми и со полна пареа продолжуваат да работат и да создаваат нови песни, кои ќе се пеат на нивните концерти и ќе ја отсликаат нивната музика токму таква, какви што се и тие. Најавија доста соработки со уметници од целиот регион во нивниот следен, осми по ред студиски албум, кој е во подготовка.

Невена: Досега имаме 6 студиски албуми и еден албум во живо, сега во студио го снимаме осмиот и публиката веќе е запознаена со еден дел од албумот, кој почнавме да го издаваме од 2021 година и тука е песната „Тамбураши“, која знаеме дека доста се слуша и во Македонија. Тука има веќе пет песни што публиката ги засака и имаме уште пет што ќе излезат на крајот на февруари. Тоа е некој нов звук, имаме супер екипа и гледавме да соработуваме со разни уметници на албумот, дури имаме соработка со еден бенд од Шпанија, од целиот регион и една голема ѕвезда од Македонија. Тоа ќе биде една песна што зборува за пријателството, бидејќи имавме желба ѕвездите од секоја земја од регионот да отпеат еден дел од песната, така што интересно е што на таа песна ќе има осум пејачи. Сакавме да го донесеме духот од секој крај, од секоја земја и да раскажеме една приказна за пријателството.

На нивниот трет студиски албум „Б страна љубави“ имаат преработка на песната „Во коси да ти спијам“ од Тоше Проески, за кого велат дека е еден од најголемите уметници на овие простори и жалат што никогаш не се сретнале.

Фрајле/Слободан Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Јелена: Ние сакаме од секоја земја да понесеме некој сувенир, а тоа е некоја песна. И можам да ви кажам дека е многу тешко и голема одговорност да се преработи некоја песна, особено кога станува збор за толку голем уметник, каков што беше Тоше Проески. Нам ни е многу жал што не се сретнавме со него и доколку се сретневме, сигурно ќе снимевме нешто заедно. На тој начин сакавме да го зачуваме, преку преработката на песната „Во коси да ти спијам“, како и „Јовано Јованке“, за која исто така чувствуваме голема одговорност да ја преработиме, затоа што таа песна ја отпеале сите најдобри пејачи. Не е лесно да застанеш пред македонската публика, која самата е музика и танц, да отпееш и да направиш аранжман и притоа да покажеш нешто различно, а сепак, да се зачува она што требало да се каже со песната. Тоа е навистина голема одговорност и ние успеавме, публиката одлично реагираше и ние таа песна ја пееме и во други земји, така што тоа дефинитивно ќе биде на репертоарот и на концертите во Македонија.

Покрај љубовта кон музиката, која несебично ја делат со својата публика, Наташа, Невена и Јелена имаат уште некои споредни работи што сакаат да ги прават, сакаат да создаваат на повеќе полиња од уметноста. Јелена во 2021 напиша автобиографска книга „Како станав Фрајла“, Наташа оваа година имаше свој соло-проект, синглот „Странец“, а Невена е продуцентка на кабаре-претстава „Како останав Фрајла“.

Наташа: Невена е продуцентка на кабаре-претставата „Како останав Фрајла“, така што секоја од нас има некоја своја љубов. Невена многу сака режија и театар, тоа ја интересира, јас сакам и да пеам и да пишувам песни што не се само за „Фрајле“, а Јелена сега пишува втора книга, а пишува песни и за други изведувачи. Можеби на крајот ќе отвориме и некое училиште.

Фрајле/Слободан Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Во своето богато досегашно искуство имаат многу настапи и тоа на многу необични и нетипични места. Настапувале во манастир, градинки, старски домови, па дури во авион на 10.000 метри надморска височина. За овие искуства велат дека се дел од патувањата, од младоста, моменти што тие ги создаваат со нивното расположение, кое е евидентно каде и да се појават.

Наташа: Тоа е искуство од младоста. На почетокот на кариерата нашите настапи се базираа на акустика, па со самото тоа бевме мобилни и бевме подготвени да настапиме на сите можни места и на 10.000 метри надморска височина и во хидроелектрани и во излог и во градинка, манастир, старски дом… Главно, тоа е предност кога имате гитара и кога го имате својот инструмент со себе, секогаш можете со себе да донесете убаво расположение, да направите атмосфера и тоа е нешто што нѐ инспирира, што ни е предизвик и што нѐ следи. Ние сакаме да ја носиме радоста и веселбата со себе каде и да сме.

Целото интервју со „Фрајле“ можете да го погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот