ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Д-р Јовев: Не сум му лут на министерот- сметам дека ова е недоразбирање кое ќе се исправи

Проф. д-р Сашко Јовев/Фото: Слободен печат

Деновиве јавноста се бранува со смената од директорско место на основоположникот на македонската кардиохирургија проф. д-р Сашко Јовев. Адвокатите на доктор Јовев велат дека неговата смена е поради бизарна причина, не одобрување на дежурство од страна на министерот за здравство, но не од сегашниот Фатмир Меџити, туку екс министерот Беким Сали. Решението е во архива, не е потпишано од страна на директорот Јовев. Вработените се со целосна поддршка на Јовев и велат дека си заминуваат заедно со него. Во „Утрински печат“ на Слободна ТВ со професорот Јовев разговаравме за текот на целато разрешување, за моментот дека бил на боледување кога заедно со медиумите дознал дека е разрешен.

– Бев отсутен, решението е во архива, беше доцна донесено скоро на крај на работниот ден. Јас бев на боледување и пред да биде донесено решението на нашата клиника имав неколку јавувања од страна на некои луѓе од Министерството за здравство дека треба да бидам разрешен. Се чудев зошто и како- вели Јовев.

Тој објаснува дека неодамна отвориле хибридна сала на Клиниката, на која бил присутен Премиерот. Министерот не се појавил, не знае од која причина.

– Отворивме нова хибридна сала, стануваме регионален центар за Кардиохирургија. Оваа сала дава вонтелесна поддршка до 3 месеци на пацинети кои немаат срце, бели дробови и чекаат трансплантација. Министерот не дојде на отварањето, не знам од која причина. Хибридната сала е донација од Светска банка, но министерот веројатно сметаше дека можеби поканата е доцна пратена- вели Јовев.

Сите биле уредно поканети, но Јовев вели дека веројатно не се разбрале.

-Јас немам протокол на Клиника, имам администрација некој порано добил покана некој покасно, на еден му одговара еден датум на друг друг датум и јас се најдов во небрано. Одредивме датум, Премиерот дојде, не дојде министерот и потоа настана непријатна ситуација дека јас не сум испочитувал одредени протоколи и сум направил голема грешка- вели Јовев.

Тој објаснува дека веднаш после тоа била испратена комисија назначена дирекно од министерот истиот ден кога отварале. Но тоа не била комисија од Санитарен инспекторат како што тврдеше министерот Фатмир Меџити.

– Беше комисија од Министерството за здравство за работно време, за дежурства, постапуваа по 17 точки. Имавме документи за се, се разбравме и се надевам дека се добро помина. И да имало грешки, сигурно се ситни, кој работи и греши. Значи можеме да ја сватиме како некоја редовна контрола- вели професорот.

Тој објаснува дека оваа контрола била дирекно назначена од кабинетот на министерот. На прашањето дали станува збор за суета на министерот за дравство бидејќи причината за смена е бизарна, Јовев вели дека навистина не знае што се случува и не знае што стои позади неговата смена, но верува дека е грешка на министерот или некое недоразбирање.

– Не знам што стои позади ова, ако имало грешка треба мене да ми каже јас да ја поправам, да се извинам ако треба, но ништо крупно сигурно нема. Што се однесува до дежурствата, сите директори дежураат, посебно јас кој има млад тим позади себе. Не спијам, оперирам по 5-6 часа. Многу работам, а жртва е и моето семејство- вели Јовев.

Тој се надева дека изјавата на министерот дека спие на работа едноставно излетала и дека не е злонамерно кажана и дека може да се смени.

– Но се чудам на ваквите изјави и се сомневам дека позади ова стои нешто поголемо, но не сакам да верувам- вели директорот.

Тој нема да замине од клиниката, ќе остане бидејќи ако си оди си одат сите со него. Грев е да се растури клиниката и народот да стане колатерална штета. После прес-конференцијата добил поддршка од СДСМ чие директорско место е на кардиохирургија, од заменичката на Меџити, Манолева која е од СДСМ, од ДУИ, од опозиционите партии, од медиумите.

– Ми се јави и еден од замениците на Премиерот, кажа дека имам комплетна поддршка од нив, но лично Ковачевски не се јави. Вработените сите се повредени, се жртвуваме за своите пацинети и имам комплетна поддршка од нив- вели Јовев.

Тој вели дека се изненадени и странските колеги директорите на странски клиники но и од регионот и прашуваат како да помогнат.

– Не знам дали е партиско пресметување мојата смена но едно знам, јас сум колатерална штета. Не сакам да сум жртва на партиски пресметки, но на крајот така излегува. Знам дека на многу колеги им е понудено моето место, но сите колеги имаат одбиено, со одговор дека тоа е наш професор и ние неможеме да го замениме- вели Јовев.

Тој не знае до кога решението за смена ќе стои непотпишано во архива и што ќе се случи ако не се потпише. Попладнево ќе се консултира со адвокатите. Најавува тужба, но ќе почека разврска на случајот.

– Што и да се случи јас ќе продолжам да работам, пацинетите ќе бидат оперирани, се додека има материјали. Но со оглед на тоа дека не можам да потпишувам, во одреден момент ќе останеме и без материјали. Но се додека има материјали ќе има и операции- вели Јовев.

Докторот вели дека не му е лут на министерот- смета дека ова е недоразбирање кое ќе се исправи.

Погледнете го целото интервју на Слободна ТВ:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот