ВИДЕО+ГАЛЕРИЈА | Електронски спектакл на Махмут Орхан во Скопје
Светски познатиот ди-џеј и продуцент Махмут Орхан синоќа приреди незаборавна електронска ноќ во Скопје исполнета со емоции, ритам и енергија.
Препорачано
Препознатлив по својот уникатен спој на дип-хаус, инди-денс и ориентални мелодии, Орхан го исполни очекувањето на околу 7.500 посетители во Арената „Борис Трајковски“ кои добија аудио-визуелно доживување кое долго ќе се памети.

Настанот беше организиран од Intermezzo Music Rituals, на високо ниво, со обезбедување, полициско присуство, амбулантни возила, противпожарно возило и без ниту еден инцидент. Ноќниот живот во Скопје доби едно ново, поинакво искуство. Моќниот звук беше надополнет со одлични светлосни ефекти правејќи го овој настан вистински аудио-визуелен спектакл и еден од најзначајните електронски настани во годината.

Со хитови што освојуваат милиони слушатели ширум светот и настапи на најпрестижните фестивали, Орхан ја претвори ноќта во вистинска музичка магија.

Моќните битови и атмосферата што пулсираше ја надополни публиката што дишеше во ист ритам. Арената Борис Трајковски се претвори во сцена на светската музика, светлата и еуфоријата без граници.

Махмут Орхан е турски ди-џеј и музички продуцент. Роден е на 11 јануари 1993 година во Бурса, Турција. Тој е еден од најпрепознатливите артисти на современата електронска сцена. Својата музичка кариера ја започнува уште како тинејџер, инспириран од електронската музика и локалната традиционална култура. Рано почнува да експериментира со продукција и ди-џеј сетови, а неговиот стил брзо се издвојува по емотивната длабочина и препознатливите вокални мелодии.
Големиот пробив на светската сцена доаѓа во 2016 година со ремиксот на песната „6 Days“ (оригинал на Colonel Bagshot). Песната станува светски хит, се искачува на топ-листите во многу земји и му носи меѓународна препознатливост. Овој успех го позиционира Орхан како едно од најперспективните имиња во електронската музика.
Тој е препознатлив по тоа што во својата музика вметнува ориентални и етно вокали, длабоки, мелодични бас линии, атмосфера која е истовремено клубска и емотивна. Меѓу неговите најпознати песни и соработки се Feel (feat. Sena Sener), Save Me, Without You и 6 Days.
По светскиот успех кој го постигна почна да настапува на бројни престижни фестивали, клубови и сцени низ Европа, Блискиот Исток, Азија и САД.



