ВИДЕО: Фирмата со ратраците на диво на Шара тврди дека не била кабает – таа само „макотрпно управува со фрирајд-операциите“
„Ескимо Фрирајд“ остро ги нападна медиумите и Националниот парк и вели дека е заслужна за туризмот, па затоа требало да продолжи да работи без дозвола
Откако ренџери од Националниот парк „Шар Планина“ денеска спречија ратраци на приватна фирма да носат скијачи на високите терени на Шар Планина бидејќи тоа го правеле неовластено, фирмата испрати реакција во кое ги куди новинарите што за тоа објавиле, вели дека не е виновна за денешниот инцидент и го напаѓа Националниот парк со низа обвинувања.
Препорачано
НП „Шар Планина“ денеска соопшти дека пет ратраци биле запрени бидејќи превезувале скијачи без дозвола, односно немале спогодба со Националниот парк, кој го ограничува движењето со моторни возила во дел од неговата територија. Оттаму потсетуваат дека движењето со овие возила е дозволено само во зоните за активно управување и исклучиво со претходно склучен договор со институцијата, со цел заштита на природата и биодиверзитетот.
Наспроти ова, од „Ескимо Фрирајд“ велат дека имаат заслуга за развивањето на туризмот и скијањето на Попова Шапка и дека поради тоа требало да им се дозволи продолжи непречено да работат. Од компанијата, која им наплатува на скијачи за да ги однесе на недопрените (и неуредени) патеки во повисоките предели на Шар Планина, наведуваат дека „20 години макотрпно управуваат со фрирајд-операциите“ – формулација што звучи како да се работи за волонтерска организација, а не за доходовен бизнис. Компанијата ги нападна медиумите кои го објавија соопштението на Националниот парк, обвинувајќи ги дека „го манипулираат народот со фекални вести“. Фирмата тврди и дека полицијата, која денеска била повикана да интервенира, не ги отстранила нејзините вработени од местото, туку ренџерите на Националниот парк.
„Фирмата“ тврди дека авансно му уплатила 5.000 евра на Националниот парк, но сепак била спречена да продолжи со бизнисот на планината. Националниот парк, од кого во секој случај пак ќе мораат да бараат дозвола, го нарекоа „некоја нова ултрабирократска институција“ и ја обвинија дека „наеднаш под превезот на екологија, биодиверзитет“ (што е буквално причината поради која постои Националниот пари) „им смета се или сакаат да маваат таму каде што навидум некој може да трпи ќотек“. „Ескимо Фрирајд“ ја обвинува јавната установа дека „паралелно дозволува загадување, сеча, градење диви објекти насекаде низ планината“, но не образложи и не понуди докази.
Од Паркот, пак, потсетија дека движењето со ратраци е дозволено само во зоните за активно управување (вториот степен на заштитеност во НП „Шар Планина“), додека во строгите заштитени зони е целосно забрането.
„Операторите задолжително мора да имаат склучено договор со Јавната установа за да се регулира движењето и да се заштити природното богатство и биодиверзитетот“, велат од Националниот парк.
Драма на Шар Планина – диви ратраци ги загрозиле животите на ренџерите


