ВИДЕО Филипче: Не сум го рекетирал Жан Митрев, претераа, ќе ги тужам
Што ќе смислат следно? Утре ќе ме обвинат и за силување, за убиство, за што следно? Го повикувам Жан Митрев во обвинителство да поднесе пријава ако смее, па да одговара по Кривичниот законик.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска рече дека секојдневно е предмет на јавен линч преку „груби лаги“, постојана црна кампања и манипулации и најави тужба за клевета за, како што рече, наредбодавачите и извршителот и го повика Жан Митрев да отиде кај обвинител и да поднесе кривична пријава.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Претераа, ова ги поминува сите можни граници доста е. Дубаи, згради од 42 спрата, визи, Венеција, Сент Мориц, итн. Пред некој ден ме споредија дури и со Џими Џонс, убиец на 300 деца. Вчера отидоа дотаму, преку Жан Митрев, за кого како лекар не можам да кажам што мислам, ме обвинија за рекет на цела болница. Претераа, ова ги поминува сите можни граници. Што ќе смислат следно? Утре ќе ме обвинат и за силување, за убиство, за што следно? Го повикувам Жан Митрев во обвинителство да поднесе пријава ако смее, па да одговара по Кривичниот законик. Не го прават тоа затоа што знаат дека ќе одговараат, а не вака да ги тужам само за клевета – рече Филипче на денешната прес-конференција во седиштето на партијата.
Тој обвини дека власта не сака реформи, не сака реформирано правосудство по европски стандарди и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ја поминало секоја граница. Истакна дека власта нема одговор на вистинските прашања, како за дупката во буџетот од 2 милијарди евра, за тоа што нема пари за да се зголемат платите и пензиите, за мигрантите, за црниот капитал преку АЛТА банка, за корумпираните тендерски постапки насекаде во државата, дека луѓе од врвот од Владата се среќаваат со „Ноќни волци“ блиски до Путин…
– На граѓаните им е потребен подобар живот, повисок стандард, повисоки плати, повисоки пензии, добра иднина, пат кон Европа и за тоа треба да зборувме – рече Филипче.
Жан Митрев вчера во емисијата Вечерно шоу на Богдан Илиевски изнесе тврдење дека поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче барале начин како да дојдат до сопствеништво во болницата „Жан Митрев“, за време на судскиот процес што се водеше против д-р Митрев.


