Фото: Јутјуб/скриншот

ВИДЕО: Драма кај Солун – млад човек спаси татко и две деца одвлечени од морските струи

Неверојатна сцена со среќен крај е забележана викендов во Епаноми кај Солун, кога млад човек со даска случајно се нашол на плажа во моментите кога морските струи одвлекле две деца-туристи од Романија, кон отвореното море, а таткото безуспешно се обидувал да им помогне, пренесува „Катимерини“.

Таткото на децата речиси се удавил обидувајќи се да ги спаси. Драмата се случила во неделата попладне на плажата Епаноми. Двете деца, момче и девојче на возраст од 13 и 15 години, биле одвлечени од силната морска струја, а таткото почнал да плива кон нив, но бил целосно исцрпен. Целата сцена ја забележал младиот Евангелос Папајоану, кој бил на таканаречена СУП-даска. Неговата камера ја снимила десетминутната драма што се одвивала на отворено море.

Снимката го покажува моментот кога Евангелос стигнал до исцрпениот татко, кој бил полусвесен и во паника додека го носеле брановите.

„Сурфав во областа и се враќав на брегот кога слушнав вресоци од морето. Се свртев и видов две деца, момче и девојче, во далечината, како повикуваат помош. Се приближив до нив и кога ги прашав што се случува, ми рекоа дека пливаат долго време и дека не можат да излезат“, изјави Папајоану за грчките медиуми.

Децата пливале спротивно од струјата, обидувајќи се да се вратат на местото каде што скокнале во морето.

„Им реков дека пливаат во погрешна насока и дека треба да одат во спротивна насока, за самиот бран да им помогне да излезат. Не можев да повлечам двајца луѓе на даската и кога им реков дека ќе бидам со нив за да излеземе заедно на брегот, ми рекоа: „Ајде да одиме, одете да му помогнете на нашиот татко.“

Откако го увериле дека имаат сила сами да испливаат, тој веднаш тргнал да го бара нивниот татко.

„Веднаш почнав да гледам наоколу, но на почетокот не го видов. Се качив на даската и потоа го видов две или три секунди, бидејќи тонеше и се враќаше на површината“, вели Папајоану, нагласувајќи дека во таа област има многу ветер и бранови.

„Беше полусвесен, во паника, во шок. Не можеше да дише. Штом ме виде, малку се крена, ја зграпчи даската, но не можеше добро да се држи, се лизгаше, кашлаше и повраќаше вода. Го држев за рацете некое време за да може да се потпре на даската, бидејќи немаше сила, човекот беше целосно исцрпен. Седевме така пет минути, разговаравме малку за да го смириме, а потоа почна да дише. Кога дојде при себе и почувствува дека е подготвен, му кажав како да се држи за даската и полека се упативме кон брегот“, вели херојот.

На копно, децата, кои веќе успеале да излезат, го пречекале со прегратки и благодарност човекот чие случајно присуство на плажата се покажало како спасоносно.

„Јас и моите пријатели веќе бевме подготвени да тргнеме. Веќе бев на едно возење со даската и во последен момент решив да ја извадам камерата од автомобилот и да одам на друго возење за да снимам видео и да му го испратам на еден пријател. Оваа приказна се случи затоа што доцнев пет до десет минути до автомобилот“, рече Папајоану, нагласувајќи дека неговиот придонес за спасувањето на семејството бил чиста среќа и случајност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот