ВИДЕО | Бродот „Сава“ од кој започна Првата светска војна е отворен за посетители
Речниот монитор „Сава“, прикотвен кај Бранковиот мост и вистински историски музеј на вода, е отворен за посетители во наредниот период, пишува „Еуроњуз“.
Препорачано
Бродот е изграден во 1904 година во бродоградилиштето во Будимпешта под името „Бодрог“ и учествувал во дејствија на почетокот на Првата светска војна. По завршувањето на војната, му бил доделен на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, а во 1919 година бил преименуван во „Сава“ по наредба на кралот Петар Први Караѓорѓевиќ и бил во употреба до 1959 година.
Бродот бил реновиран во периодот од 2016 до 2018 година и свечено отворен за јавноста во 2021 година, станувајќи уникатен музејски простор на вода.
Кустосот Никола Тодоровиќ за „Еуроњуз Србија“ нагласува дека историското значење на бродот е исклучително големо.
„Припаѓал на група бродови од кои биле испукани првите куршуми кон Белград, а со тоа и првите куршуми на непријателските сили во Првата светска војна“, објаснува Тодоровиќ.
Австроунгарските влечни бродови, кои влечеле шлепови со австроунгарски војници, се обиделе да се пробијат во Сава и да извршат упад во Белград. Поради недостиг на речна воена флота, Србија не била во можност да пружи соодветен одговор, па српските сили дејствувале само од копно.
Бродот во 2005 година, по одлука на Музејот на наука и техника во Белград, бил прогласен за културно добро, а во 2015 година Министерството за одбрана го признало неговото значење и го откупило од приватна фирма.
„Бидејќи овој брод имал многу бурна историја, можеме да кажеме дека тој е како историја на овие простори. Променил четири држави, служел под четири знамиња. Првично бил во Австроунгарската империја под името ‘Бодрог’, а потоа, по заплената од српските сили, официјално станал дел од воената флота на Кралството СХС во 1920 година и тогаш го добил името ‘Сава’“, објаснува Тодоровиќ.
Бродот подоцна учествувал во Априлската војна, а екипажот го потопил за да не падне во рацете на непријателот близу притоката на Сава во Дунав.
„Тогаш бродот го извлекле силите на Независна Држава Хрватска, но дури ни тие не го промениле името. Служел под името ‘Сава’ до 1944 година кога и нивниот екипаж го потопил кај Славонски Брод. Оттаму го извлекле припадниците на ЈНА по Втората светска војна и тој продолжил да служи во нивната флота до 1963 година кога бил отслужен“, додава Тодоровиќ.


