Фото: Инстаграм/Били Ајлиш

ВИДЕО | Били Ајлиш ја „запали“ Атланта со својот говор: „Не се чувствуваме безбедно во сопствените домови“

Били Ајлиш го искористи својот говор при доделувањето на наградата „MLK Jr. Beloved Community Environmental Justice Award“ јавно да алармира за, како што вели, сериозното влошување на човековите права, безбедноста на заедниците и борбата за заштита на животната средина во САД, пренесува „Холивуд репортер“.

Наградата ѝ беше врачена во хотелот „Hyatt Regency“ во центарот на Атланта. Ајлиш својот говор го прочита од мало ливче, искрено признавајќи дека не се чувствува достојна за признанието во време на длабока општествена криза.

„Искрено,чудно е да се слави еколошката правда во време кога таа изгледа понеостварлива од кога било, ако се погледне состојбата во нашата земја и светот“, рече таа на почетокот.

„Ова се алармантни работи“

Во продолжение, Били наброја низа случувања што, според неа, се сериозно загрижувачки:

„Гледаме како ни ги одземаат соседите, како мирни демонстранти се напаѓаат и убиваат, како ни се ускратуваат граѓанските права, како средствата за борба против климатската криза се кратат поради фосилните горива и индустриското сточарство што ја уништува планетата. А храната и здравствената заштита стануваат привилегија за богатите, наместо основно човеково право за сите.“

Таа додаде дека заштитата на планетата и на заедниците очигледно не е приоритет на американската администрација.

„Навистина е тешко да се слави нешто кога веќе не се чувствуваме безбедно во сопствените домови или на нашите улици“, порача Ајлиш.

Континуиран активизам

Говорот на Били доаѓа по нејзините претходни јавни реакции и објави против ICE на Инстаграм, кои Министерството за внатрешна безбедност ги нарече „бесмислена реторика“.

Инаку, таа и претходно беше пофалена за својот општествен и еколошки ангажман, меѓу другото, преку планот да донира 11,5 милиони долари за организации кои се борат за климатска правда, намалување на јаглеродното загадување и еднаков пристап до храна, во рамки на програмата The Changemaker од турнејата „Hit Me Hard and Soft“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот