Фото: Инстаграм/Јона Бурчиjага

ВИДЕО | Бесцелно користела социјални мрежи по 8 часа дневно, па направила 50-дневен детокс и открила како тоа ѝ помогнало

Колку пати дневно го земате мобилниот „само на секунда“, а потоа сфаќате дека поминал цел час? За тиктокерката Јона Бурчиjага од Калифорнија, оваа навика станала толку силна што повеќе не ја контролирала. Штом ќе го земела телефонот, автоматски ја отворала апликацијата и со часови гледала видеа – често без да забележи колку време поминало.

„Не ни сфаќав колку време поминувам на интернет. Пред да ги сменам навиките, ги користев социјалните мрежи по осум часа дневно, понекогаш и повеќе“, изјавила таа за американскиот медиум „Њузвик“.

Во ноември 2025 година решила да направи пресврт и си поставила предизвик: 35 дена без бесцелно листање на социјалните мрежи. Планот првично бил привремен, но промената ѝ одговарала толку многу што го продолжила „детоксот“ на повеќе од 50 дена.

Фото: Инстаграм/Јона Бурчиjага

Таа признава дека првите денови биле најтешки.

„Уште третиот ден забележав дека палецот ми се движи автоматски. Само ќе застанев и ќе ја затворев апликацијата. Десеттиот и единаесеттиот ден беа најтешки, бидејќи тогаш свесно се борев со навиката“, објаснила.

Најбрзо ја забележала промената во концентрацијата. Без постојани прекини, можела подолго да остане фокусирана на задачите и полесно да ги завршува обврските. Наместо да живее во режим на постојана дистракција, почнала појасно да ги поставува приоритетите.

Фото: Инстаграм/Јона Бурчиjага

Овој феномен често се поврзува со т.н. „думскролинг“ – прекумерно листање вести и содржини што предизвикуваат анксиозност, тага или лутина. Експертите предупредуваат дека таквата навика може да влијае врз психичкото здравје, квалитетот на сонот и мотивацијата.

Она што најмногу ја изненадило не било зголемената продуктивност, туку промената во личниот стил. Без постојано изложување на трендови и туѓи комбинации, почнала да создава сопствени модни избори.

„Не бев свесна колку реклами, трендови и туѓ стил влијаат врз мене. Оддалечувањето ми помогна да се вратам на сопствената автентичност“, рекла таа.

Фото: Инстаграм/Јона Бурчиjага

По повеќе од 50 дена пауза, објавила видео во кое ги споделила своите искуства. Снимката станала вирална и собра повеќе од милион прегледи. Денес таа ги охрабрува и другите да го намалат времето пред екранот.

„Социјалните мрежи нема да исчезнат. Но можеме да научиме да ги контролираме сопствените импулси. Создавајте повеќе, а консумирајте помалку“, порачала таа.

@ionasarchive You need to do it at least once. #fyp #fy #discipline #mindsetmotivation #socialmediadetox ♬ original sound – Iona

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот