Средновековен ракопис за кралот Артур - Фото: Christie’s

Еден од најстарите ракописи за кралот Артур оди на аукција — се очекува да достигне цена од два милиони долари

Еден од најстарите зачувани ракописи посветени на легендите за кралот Артур, волшебникот Мерлин и потрагата по Светиот Грал ќе биде понуден на аукција во јули годинава, а експертите проценуваат дека неговата вредност може да достигне и до два милиони долари, пишува „Модерн мет“.

Ракописот, кој ќе биде понуден на аукција во аукциската куќа „Кристис“, датира од периодот меѓу 1290 и 1310 година и се смета за едно од најраните зачувани изданија на овие легендарни приказни што некогаш се појавиле на јавна продажба.

Во неговите страници се наоѓаат текстови од старофранцускиот циклус „Ланселот-Грал“, кој ги содржи најраните верзии на митовите за кралот Артур, Мерлин и Светиот Грал. Посебна вредност му даваат и 126 минијатурни илустрации изработени со полиран златен лист, кои и по повеќе од седум века сè уште блескаат.


Меѓу илустрациите се издвојуваат сцени на Јосиф, Јосиф Флавиј и нивните придружници кои го носат Светиот Грал на пат кон Камелот, како и ретка претстава на Мерлин во облик на елен.

Поради својата огромна вредност, ракописот со векови бил во сопственост на исклучително богати колекционери, поради што научниците досега имале ограничен пристап до него. Токму затоа претстојната аукција отвора можност документот конечно да стане достапен за пошироката јавност и за истражувачите.

„Се надевам дека конечно ќе стане дел од јавна колекција. Проблемот е што библиотеките и институциите за културно наследство денес немаат многу средства. Но токму тие институции постојат за да ги зачуваат овие текстови и да ги направат достапни за сите“, изјави д-р Ирена Фабри-Техранчи, специјалист за француски средновековни текстови во Универзитетската библиотека во Кембриџ.

Според експертите, можноста за детално проучување на ракописот би можела значително да придонесе за подобро разбирање на средновековната литература и на начинот на кој легендата за кралот Артур се менувала низ вековите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот