Натпревар за бармени / Фото: слободен печат / Методиј Здравев

ВИДЕО | Балканско-егзотичен коктел победи на Државниот натпревар на бармени – зголемен е бројот на барменки

Коктел со варена круша, нектар со пена, сочна цитрусна напивка, пијалак со најдобрата вотка на светот. На менито на 17. Државно првенство на бармени се најдоа бројни уникатни рецепти, но балканско-егзотичниот коктел на познатиот скопски бармен Васил Пеевски ги освои непцата на судиите и стана победник на натпреварот.

Со Пеевски разговаравме пред полуфиналето и тој беше сигурен дека неговиот коктел е најдобар.

– Направив балканско-егзотичен коктел на база на рум надополнет со ликер од мандарина, сируп од смокви, сок од лимон, поради мешавината на вкусови го нареков балканско-егзотичен. Ова е коктел што се пие во бар и е наменет за секој кој сака да експериментира со вкуови. Финалниот рецепт го добив по 4-5 обиди. Верувам дека мојот коктел е најдобар – рече тој.

Државно првенство на бармени/ фото: Приватна архива.

Победникот на натпреварот ќе ја претставува Македонија на Светското првенство на бармени во Макао, вели за „Слободен печат“ Филип Арнудов, претседател на Здружението на бармени на Македонија.

– Оваа година имаме 28 натпреварувачи, тоа ме радува бидејќи имаме експанзија во однос на интересот меѓу нас натпреварувачите. Задоволен сум и од тоа што имаме навистина многу квалитетни рецепти. На ова издание е забележано и драстично поголемо присуство на жени барменки од минатите години. Ние се трудиме овој натпревар да биде идентичен како и Светското првенство, бидејќи победникот се претставува таму – вели Арнудов.

Оваа година предизвикот за финалистите беше да направат коктел со кафе кој содржи и виски.

Вкусот, аромата, декорацијата, брзината – што е пресудно за најдобар коктел

 

Задачата за судиите воопшто не беше лесна, како што и самите потврдуваат пред нашата камера.

– Јас бев и минатата година судија, можам да споредам дека оваа година рецептите се далеку подобри. Жири-комисијата е сочинета од стручни лица, сите сме со долгогодишно искуство. Оценуваме вкус, арома, боја на чаша, декорација, комплетна целина. После секоја чаша пиеме вода, ако е потребно коктелот го пробуваме и неколку пати. За еден коктел оцени даваат повеќе судии, на крај се сумираат поените – вели професорката Јана Клопчевска.

За судијата Никола Медровиќ, претседател на Здружението на бармени од Црна Гора, поважно е да се заврши коктелот на време отколку да се губат минути на непотребни ситници.

– Многу фактори влијаат при изборот на најдобриот коктел. Почнувајќи од начинот на подготовка, вклучувајќи го и самото однесување на барменот, неговото претставување, педантност, понатаму сосотојките што ги одбира, прикзната што стои зад неговиот рецепт итн. Според мене, најважно е да не се задоцни, да се почитува зададеното време и да не се губат минути во детали. Околу декорацијата, секако дека игра важна улога, мене лично „ме купува“ рачно направена декорација, кога гледам дека барменот се потрудил сам, отколку купени детали – вели тој.

Натпревар за бармени / Фото: слободен печат / Методиј Здравев

Имавме прилика да се запознаеме и со мајсторот на коктелот „нектар“.

– Виното што го користев како база за овој коктел, во Кипар се нарекува нектар на боговите, оттаму и името за мојот коктел. Мене овој пат чашата што ја забележав во локалот каде што го приготвував овој коктел ме инспирираше за рецептот, но некогаш може да биде и обратно. Коктелот го пробав само еднаш и веднаш го погодив рецептот – низ смеа вели барменот Љубен Богдански.

Од година во година расте бројот на барменки во Македнија. Ивана Савеска првпат се натпреварува и за оваа пригода подготви, како што вели, коктел за одмор.

– Овој коктел се пие неколку часа пред да се послужи вечерата или ручекот, се служи со апетисани. Го замислувам како коктел за одмор, оттаму и неговото име на француски јазик што во превод значи одмор. За подготовка користев сезонско домашно овошје, поточно варена крушка, потоа зачинив со стапчиња од цимет, кора од портокал која му дава длабочина, потпечени оревчиња за шмек и текила како алкохолна база – вели таа.

На Државниот натпревар на бармени второто место му припадна на Бојан Михајловски од Охрид, а третото на Никола Анастасијески од Скопје. Најдобра техника имаше Филип Марковски, а најатрактивен коктел Сања Дракулиќ.

Натпревар за бармени / Фото: слободен печат / Методиј Здравев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот