ВИДЕО: Баерн „меле“ во Лигата на шампионите, страшен е тандемот Мане-Сане
Фудбалерите на Баерн Минхен ја победија Викторија Плзен со 5:0 во натпреварот од третото коло од групата „Ц“ во Лигата на шампионите. Баерн лесно ја оправда улогата на фаворит против Чесите и рутински забележа убедлива победа, а третпат сезонава без примен гол.
Препорачано
За нешто повеќе од 20 минути игра веќе беше 3:0 за Баварците. Првиот гол во седмата минута го постигна Лерој Сане – Германецот ја повлече топката кон противничкиот гол и шутираше силно од работ на шеснаесетникот, а голманот на гостите беше немоќен.
Серж Гнабри само шест минути подоцна на асистенција на Горецка ја удвои предноста на домашните. Следен во листата на стрелците се запиша Садио Мане – со малку среќа брзоногиот играч на Баерн ја дрибла речиси целата одбрана на Викторија и соло акцијата ја заврши со прецизен удар за 3:0.
Баерн можеше да постигне и четврти гол во првото полувреме, но голот на Џамал Мусиала беше поништен по реакција од ВАР собата. Но, само пет минути откако играчите се вратија на теренот по паузата, Сане уште еднаш ја затресе мрежата на чешкиот тим.
Во 58 минута меѓу стрелците се запиша и Ерик Максим Чупо-Мотинг, кој доби шанса од клупата, а уште еднаш асистент беше Горецка. По три одиграни натпревари, Баерн има исто толку победи, додека Викторија е без бодови во исклучително силната група „Ц“, во која се уште Интер и Барселона.
Се одигра уште еден меч во ЛШ, во групата „Д“ Марсеј кој до сега имаше два порази изнедувачко убедливо го совлада Спортинг (4:1). Португалците кои стартуваа со две победи го претрпеа првиот пораз сезонава, иако одлично започнаа со погодок уште во првата минута преку Тринкао.
Следуваше пресврт на Французите кои за три минути дојдоа во предност со головите на Санчез и Харит. Проблемите за гостите станаа поголеми кога црвен картон доби Адан. Тоа го искористија домаќините за уште два гола кои ги реализираа Балерди и Мбемба.


