ВИДЕО | Арсенал реди победи и руши рекорди во ЛШ – историска замена во Прага
Фудбалерите на Арсенал на гости во Прага, Чешка, ја совладаа екипата на Славија со 3:0 (1:0) во четвртото коло од Лигата на шампионите.
Препорачано
Играчите предводени од менаџерот Микел Артета со овој триумф обезбедија пласман во нокаут-фазата на елитното европско клупско натпреварување.
Мечот во Прага го одбележа историската замена на самиот крај – Артета го внесе во игра 15-годишниот фудбалер Макс Дауман, кој стана најмладиот играч во историјата на натпреварувањето, соборувајќи го рекордот на Јусуфа Мукоко.
Арсенал го контролираше натпреварот од почеток до крај, додека Славија се обидуваше силно да притисне, но без конкретен учинок. Лондонскиот клуб поведе во 32 минута преку пеналот на Букајо Сака.
На почетокот од второто полувреме, Микел Мерино го зголеми водството по асистенцијата од Тросард, а истиот играч ја искористи грешката на голманот Јакуб Маркович во 68 минута за да го зголеми резултатот на 3:0.
Третиот гол дојде по погрешна проценка на голманот на Славија, па Мерино едноставно ја смести топката во празната мрежа.
Арсенал има максимален учинок по четири одиграни натпревари во ЛШ и сè уште нема примен гол, а вкупно постигна досега 11. Во следното коло англискиот претставник ќе игра против Баерн во Лондон, додека Славија Прага ќе се сретне со Атлетик Билбао од Шпанија.


