ВИДЕО АНКЕТА: Како Македонците се подготвуваат за најавената тешка зима?

Анкета на СП/ Фото Принтскрин Јутуб

Голем дел од граѓаните годинава се соочија со повисоки цени на огревното дрво, а извесно е дека зимава за нив, како и за оние кои се греат на струја или друг енергенс, кризата и растечките цени значат дека топлиот дом ќе чини повеќе отколку во изминатите години.

Од почетокот на месецов стапија на сила и мерките на Владата за штедење електрична енергија.

Владата, на предлог на Министерството за економија, во пресрет на зимата донесе сет на препораки и задолженија за штедење на електрична и топлинска енергија. Целта, според Владата е да се намали потрошувачката на електрична енергија за 15 отсто споредено со истиот месец минатата година. Ако не се почитуваат мерките како што најави премиерот Ковачевски ќе следат и казни за прекршителите.

Според она што беше најавено, сите државни и јавни институции – министерствата, агенциите, органите на државната управа, треба да го исклучат декоративното осветлување на фасадите, да ја користат дневната светлина, клима-уредите за ладење да не се користат на температура пониска од 27 степени, а за греење не повеќе од 20 степени.

Сето ова навестува дека и граѓаните нема да бидат изоставени од препораките за штедење на енергентите во нивните домови. „Слободен печат“ ги запраша скопјани: како ќе ги греат своите домови оваа зима – дали ќе штедат и дали веруваат во препораките на владата за справувањето со кризата?

Инаку според податоците на Државниот завод за статистика, огревното дрво останува главниот енергенс што граѓаните го користат за затоплување на домот во грејната сезона низ земјава. Дури 49 отсто од домаќинствата се греат со огревно дрво, се вели во извештајот на ДЗС. Второто најкористено средство за загревање на домовите е електричната енергија, која ја користеле 31 отсто од македонските домаќинства. Во исто време засега останува не јасно кој точно ќе го врши снабдувањето на скопјани со топлинска енергија откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) му ја одзема лиценцата на БЕГ за вршење на услугата. Од она што беше последно кажано, државната ЕСМ го презеде управувањето со парното во Скопје.

Од она што граѓаните го кажаа во анкетата, многумина од нив со сигурност претстојнава зима ќе мораат да се откажат од многу работи, но и тогаш не се сигурни дали и колку може да се заштеди за струја и греење од и онака веќе истенчениот семеен буџет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот