Андреј и Наталија / Фото: Инстаграм/Наталија Ѓорѓиеска

ВИДЕО | „Андреј сакаше силно, без задршка“: Емотивна исповед на Наталија, сопругата на Андреј од „ДНК“

Сопругата на Андреј од „ДНК“ раскажа искрена приказна за својот сопруг и рече дека бил човек кој сакал силно, без задршка.

Наталија Ѓорѓиеска беше гостинка на хуманитарниот концерт со песни на групата „ДНК“ во Дизелдорф, Германија, посветен на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На концертот, во чест на „ДНК“, нивни песни пееја Ламбе Алабаковски, Андријана Јаневска, Елена Андоновска, Тина Русева и Сања Лефкова.

„Најпрво би сакала да се заблагодарам на Македонскиот културен центар ‘Македонско сонце’, што ја организираше оваа вечер. Искрено сум благодарна што ја прифатив поканата да бидам дел од неа и навистина ми е чест што сум тука.

Благодарност до сите гости што во олкав број дојдоа заедно да ги слушнеме песните на ‘ДНК’. Навистина не знам дали човек некогаш може да се подготви за вакви настани, вакви тешки моменти, но фактот што ја организиравте оваа вечер и што сите сме тука, што сте дошле, значи дека сѐ уште ја негуваме македонската музика. Верувајте дека немам зборови со кои можам да ја искажам мојата благодарност“, рече Наталија во видеото што го објави Инстаграм-страницата „Македонско сонце – Дизелдорф“.

„Кога ми кажаа дека ќе има трибјут на ‘ДНК’, почувствував голема благодарност, баш затоа што музиката сѐ уште живее. Огромна благодарност до македонската нација што не заборава, што значи дека вистинската љубов нема адреса.

Музиката на ‘ДНК’ денес нѐ собра сите тука. Можеби лично не се познаваме, не го зборуваме истиот јазик, не живееме во иста земја, меѓутоа ја чувствуваме истата емоција. Сите ние растевме со неговите песни. Секоја беше дел од неговиот живот. За секоја песна имаше негово искуство, некоја болка, некоја радост, некоја надеж.

Она што нѐ поврзува вечерва не е само музиката на ‘ДНК’, туку и нашата култура. Сите го знаат Андреј на сцена, но јас го знаев откако ќе се симнеше од неа. Тој беше човек што сакаше силно, без задршка. Човек кој веруваше дека љубовта се покажува со дела. Беше хуман без да зборува за тоа и искрено се грижеше за сите околу него“, рече сопругата на Андреј, пејачот на „ДНК“, кој беше омилен кај повеќе генерации.

ФОТО | Плачеа заедно: Сопругите на Панчо, Филип и Александар од „ДНК“ една до друга на Златна Бубамара

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот