ВИДЕО | Анализа: Едно проблематично момче затвори две училишта
Откако учениците од ОУ „11 Октомври“ во Центар почнаа бојкот на наставата поради обид таму да се запише ученик со историја на насилно поведение, истото од утрово се случува и во ОУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром, каде што ученикот првично учел.
– Случајот со младиот ученик кој беше избркан од ОУ „Лазо Ангеловски“, а потоа не му беше дозволено да се запише во ОУ „11 Октомври“, поради неговата историја на насилство е показател колку многу инстититуциите затаиле во справувањето со овој очигледен проблем. Ние известувавме за конкретниот случај во повеќе наврати и од тогаш помина доста време, а институциите не успеаја да му стават крај на булингот што се одвивал во училиштето. Врсничкото насилство е присутно и во други училишта, а вакви случаи со драматично влошено поведение на ученици има насекаде. Не сите случаи доспеваат до медиумите, па затоа и не се знае за тоа. Институциите сега повторно потфрлија, наместо момчето да биде згрижено и со него да се работи, вие сега имате бојкот на наставата во две училишта. Родителите на другите деца се во право, бидејќи доколку дозволат наставата непречено да се одвива, тогаш нивните деца би можеле да бидат предмет на вербално или физичко насилство. Мое мислење е дека случајот требаше да биде решен многу порано и да не се дозволи ваква ескалација – вели новинарот на Слободен печат, Срѓан Ивановиќ.