ВИДЕО: Алејна од Кочани спречена да оди со шамија на училиште, заменик-министерот Нухиу дојде да ја запре дискриминацијата

Фото: Цивил / принтскрин

Девојче од муслиманска вероисповед од Кочани се пожалило на дискриминација откако не му било дозволено да носи шамија во училиштето. Шестооделенката Алејна Исмаиловска вели дека класната раководителка во училиштето „Малина Попиванова“ и се обратила со зборовите: „Шамија може во џамија да носиш, а во училиште ти е забрането“. Истото подоцна ѝ го кажале и педагогот и психологот, тврди девојчето.

Таткот Енѓул Азизов, во изјава за „Цивил“ дополнително обвинува дека кога отишол во училиштето да побара објаснување зошто неговото девојче не смее да ја носи марамата, за која вели дека ја носи само овој месец поради рамазанскиот пост, бил „брутално исфрлен од училиштето“ од страна на педагогот. Азизов вели дека педаготот му се обратил со зборовите: „Излезете надвор и ако девојчето дојде утре со шамија во училиште нема да ја примиме. Ќе ми носите шамии тука… ова не е Скопје или Тетово“.

Наспроти ова, од училиштето велат дека дека Алејна не била навредувана, ниту имала забрана за посетување на настава, ниту пак во училиштето има забрана за носење на шамии од страна на ученичките.

По ова, родителите го пријавиле случајот, а денеска во училиштето беше заменик-министерот за правда, Агим Нухиу и државниот секретар Мухамед Точи, кои разговараа со директорот Благој Петров и донеле заклучок дека на ученичката ќе ѝ се дозволи да ја носи шамијата за време на наставата.

„Родителите рекоа дека Алејна била спречена да продолжи со настава заради шамијата во училиште во Кочани! Шамијата на една од нашите сестри не е презир, туку благодарност од секој што ќе реши да ја носи! Никој не може да биде над законот! Правда и достоинство за сите“, напиша Нухиу на Фејсбук на македонски, албански и ромски јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот