Весна Дамева е нова претседателка на Судскиот совет

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Весна Дамева е нова претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска. Таа беше избрана со 10 гласа „за“ и  со еден „против“ кој го доби од колешката  Лорета Георгиева.

На седницата не присуствуваше Црвенковска, која минатиот вторник поднесе неотповиклива оставка од претседателка на Советот. Од гласањето се иззеде Зоран Герсимовски бидејќи пред две недели беше избран за член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, а минатата недела на конститутивна седница беше избран за в.д. директор на Академијата до изборот на нов директор што треба да се случи в среда.

Во соопштението што го испрати до медиумите Црвенковска по нејзината оставка, таа се пожали дека веднаш по нејзиниот избор на функцијата започнала медиумска хајка со крајна цел да даде оставка затоа што нејзиниот избор за претседател не одговарал на група од „судската бизнис-елита“. Нејзината оставка следуваше откако на седница пред две недели се случил бунт од страна на седум члена избрани од редовите на судиите кои спречиле, како што објави порталот СДК.мк, да помине готов список за гласање за клучни места во Академијата за судии и обвинители. Црвенковска тогаш реагираше дека дошла со листа имиња на предлози за одредени позиции во Академијата, а не со некаков список како што сакале тоа да го прикажат некои членови на Судскиот совет. Таа на функцијата беше од 28 април 2021 до  29 ноември 2022 година.

По Црвенковска, изборот на Дамева е вториот кој се избира согласно новиот Закон за судски совет кој стапи во сила во мај 2020 година, а според кој првиот човек на Судскиот совет се избира од редовите на членовите кои се избрани од Собранието. Такви се пет од вкупно 15 члена: тројца од нив ги избира директно Собранието, а другите двајца, исто така, се избираат во парламентот, но по предлог на претседателот на државата. Осум членови, пак, се избираат на избори од редот на судиите. Преостанатите двајца члена на Судскиот совет по функција се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие се без право на глас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот