Нино Васев / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Вештакот од Словенија најде маана во лекувањето на сите 29 пациенти на Нино Васев

Вештакот доктор Маја Равник специјалист по интерна онкологија од Медицинскиот факултет во Марибор Словенија, денеска заврши со реферирањето и описот на лекување за вкупно 29 различни пациенти кои се лекувале на Клиниката за онкологија во Скопје а се воделе како пациенти на ексдиректорот доктор Нино Васев. Таа е експерт ангажиран од ОЈО Скопје кое пак го гони Васев за тешки дела против здравјето на луѓето. Во истиот предмет за несовесно лекување болни се обвинети докторите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски од одделот за рак на бели дробови на Клиниката но не за истите 29 пациенти.

Вештакот за сите 29 пациенти на Васев најде замерки во начинот на кој биле лекувани – недостиг на наоди, недостиг на информации зошто е менувана извесна терапија, а за некои пациенти вештакот беше дециден дека здравствената состојба на пациентите им се влошила поради терапијата што им била давана. Равник во некои од досиејата пронашла и дека пациентите биле лекувани со лекови кои што не се индицирани за соодветниот тип на рак од кој боледувале пациентите на кои им биле давани.

Во неколку наврати таа децидно тврдеше дека некои од пациентите поради терапијата што им била давана се соочиле со влошено здравје, страдање и тежок исход од болеста. Таа зборуваше за лек „пембролизумаб“ кој на пациентка ѝ бил администриран на интервал од 3 месеци, наместо како што налага упатството – 200 милиграми на 3 недели или 400 милиграми на 6 недели. Вештакот зборуваше дека на пациент со рак на ректум му била давана хормонска терапија за која немало никаква индикација.

На барање на обвинителката вештакот Равник објаснуваше како течело лекувањето на пациент со рак на бели дробови чиј идентитет беше кажан во судница. Тој во болница бил хоспитализиран дури 9 месеци во рок од една година.

-Пациентот во текот на целиот тој период примал „пембролизумаб“ на многу различни временски интервали и во различни дози. Интервалите биле на 4 дена, на 1 недела, на 14 дена, што не е во склад со индикацијата. Со прегледот на електронската база се гледа отстапување во препишаните дози каде во периодот на хоспитализацијата од 20 октомври 2021 до 13 јануари 2022 во електронските документи има забележано дека примил 16 амбули а во документацијата (хартиена н.з) има само 10 ампули. Подоцна примил и капецетабин без индикација, рече доктор Равник. 

Таа констатираше дека долгите хоспитализации значат дека состојбата на пациентот била сериозна.

-Кај пациентот со оглед на целата примена терапија била забележана прогресија на болеста со метастази на мозокот и заклучувам дека терапијата водела кон напредок на болеста и влошување на состојбата иако да предупредам дека во сите наоди не пишува во каква состојба фактички бил пациентот, рече Равник. 

Вештакот одговараше на прашањата на обвинителката Ана Гоговска Јакимовска и за пациентка кај која иста терапија била повторена иако првиот пат тој лек водел кон метастази.

-Ако лекот веќе бил даден и тоа довело до напредок и метастази, тогаш истиот лек пак не се воведува туку треба да се воведе нов лек со друг механизам на лекување, констатираше онкологот од Словенија.

Спомената беше и пациентка со рак на дојка лекувана со „ерлотиниб“ кој според вештакот немал фајде.

-Се гледа дека пациентката е лекувана од рак на десната дојка, кој бил хормонски зависен и хер два негативен. Во тој случај лекување со ерлотиниб нема никаква индикација. Ако лекот нема индикација тој не е ефикасен при лекувањето на овој тип на рак. Не се препорачува. Ако нема ефект нема ни контрола врз самата болест, рече Равник.

Адвокатите на докторите веќе пријавија дека вешти лица изработиле други вештачења според кои лекувањето на докторите е соодветно и не придонело за влошување на здравјето на онколошките пациенти на Клиниката за онкологија.

Адвокатот на Васев, Боби Спирковски изјави дека вештото лице од Марибор извршило како што рече вештачење со кршење на базични приницпи задолжителни при медицинските вештачења.

-На пример, не смее воопшто да се користи фактот кој отпосле сте го дознале за денот на смртта на пациентот. И да коментирате дека му е даден лек еден ден пред смртта што веројатно му ја влошила состојбата или можеби ја причинил смртта. Таква методологија на вештачење е забранета. Во тој момент кога лекарот го дава лекот, не можел да претпостави дека пациентот утредента ќе умре или ќе живее 3, 5 или 10 месеци. Ваквиот начин на вештачење е со прекршени базични принципи и нема вредност. Втора работа е што кога вештачите во една држава е да побарате дали таа држава има матични протоколи. Не можете да го базирате вештачењето на европски протоколи игнорирајќи ја легислативата на Македонија. Во 2015 година имаме објавени во Службен весник протоколи за сите видови на рак, рече Спирковски.

Според него вештакот е должен да се води од македонските протоколи. Според Спирковски, на вештакот во евиденцијата не му биле дадени сите документи.

-Тоа што нејзе не ѝ се дадени наодите, тоа е проблем на Обвинителството. Дали е намерно или ненамерно ќе видиме, сите слушнавте дека за секој пациент тврди дека нема документација. Ако нема документација или ја барате или не вештачите. Не може без висината, тежината, хистопатолошкиот наод кои се базични, да се вештачи. Ги има тие документи. Онкологија има и современ внатрешен електронски систем каде има се. Имаме ситуации во кои таа тврди дека има еден патохистолошки наод а ние имаме 6 во сите фази. Не е Македонија до тој степен заостаната држава да ги лекуваме пациентите напамет, рече Спирковски. 

Според него треба да се земе предвид во какво окружување работеле лекарите за разлика од Словенија.

-Кај нас има само 1 оперативна клиника за сите а секој доктор има по 100 пациенти дневно. Тој нема време ни за појадок а камоли да врши адекватно упис во документација. И затоа е таква каква што е документацијата, вонредна состојба. Клиниката за онкологија постојано работи во вонредна состојба. Од друга страна имате секоја година зголемување на бројот на пациенти со рак и 36 лекари. Јас верувам дека во Словенија само во едно село има 30 лекари а не за цела држава. И дека имаат барем 3-4 центри а ние имаме само една клиника во цела држава. Ако го знаела тоа окружување ќе ѝ беше јасно зошто немало документација доволно во самата историја а не дека ја немало на Клиника. Рачното евидентирање е најсиромашно, а зошто не ѝ ја дале цела документација тоа ќе го прашате обвинителството, рече Спирковски. 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот