Вештачката интелигенција е поопасна за постарите отколку за младите
Пазарот на трудот се менува побрзо од кога било, главно под влијание на вештачката интелигенција (ВИ), што ќе предизвика исчезнување на многу работни места. Иако често се вели дека младите се најранливи, основачот на OpenAI, Сем Алтман, има поинакво мислење: тој верува дека постарите вработени се најмногу изложени на ризик.
Препорачано
Иако претходно се тврдеше дека ВИ ќе ги загрози почетните позиции на административни и интелектуални работни места, каде што обично се вработени млади луѓе, Алтман верува дека младите полесно ќе се прилагодат на новите услови- објави Каматица.
Во неодамнешно интервју, Алтман изјави: „Да имав 22 години и да дипломирам на колеџ токму сега, ќе се чувствував како најсреќното дете во историјата“. Сепак, тој изрази загриженост за постарите генерации, особено за оние блиску до пензионирање кои се помалку подготвени да се преквалификуваат и да се прилагодат на новите технологии. Прашањето е како ќе се снајдат на пазарот на трудот во ситуација каде што вештачката интелигенција може да ги извршува задачите со кои се занимава побрзо и поевтино.
Иако прилагодувањето кон технолошката револуција е неизбежно за секого, ситуацијата е поинаква за младите луѓе кои се во цутот на животот, подготвени за иновации, во споредба со оние кои влегле во седмата деценија од животот.
Алтман верува дека, и покрај ризиците, вештачката интелигенција носи и огромни можности. Тој нагласува дека никогаш не постоело подобро време за создавање нешто сосема ново, иновации и основање компании. Во иднина, тој очекува да види компании вредни милијарда долари со само еден вработен.
Шефот на OpenAI верува дека за десет години, младите луѓе, ако воопшто одат на универзитет, ќе работат на возбудливи и добро платени работни места. Тој предвидува дека генерациите што доаѓаат ќе ги гледаат денешните „досадни работни места“ со презир.


