Вaруфакис обвинет дека промовирал користење дрога откако се отвори за своите искуства на поткаст
Поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис е обвинет и ќе се соочи со судење за наводно промовирање на употреба на дрога, објави денес неговата левичарска политичка партија МеРА25.
Препорачано
Експолитичарот, кој беше член на левичарската влада на Сириза за време на финансиската криза во 2015 година и останува популарен меѓу европската левица, треба да се појави на суд дури за десет месеци, на 16 декември годинава, пренесува „Политико“.
Обвиненијата се однесуваат на коментарите што ги даде за време на поткаст во кој призна дека пробал дрога на фестивал во Австралија пред 36 години.
„Решен сум да не направам како Бил Клинтон (кој рече ‘Не вдишував’, н.з.) Јас сепак вдишував“, изјави Варуфакис, признавајќи дека во минатото пушел марихуана, но и дека имал еднократно искуство со екстази на фестивал во Сиднеј во 1989 година.
Поранешниот министер рече дека иако искуството првично било пријатно, резултирало со мигрена што траела една недела, што го одвратило од повторна употреба на дроги.
Тој нагласи дека ја раскажал приказната за да ги истакне ризиците од употреба на дрога, кажувајќи им на слушателите дека „постои цена што треба да се плати“ и дека зависноста значи „крај на слободата“.
Во соопштението, партијата Мера25 ја обвини грчката влада за „манипулирање“ со грчкото судство за да го таргетира Варуфакис „затоа што тој ја кажува вистината“.
„Иако ставот на грчкиот судски систем во овој случај предизвика многу забава во грчкото општество, оваа приказна е сепак опасна. Идејата да се суди лидер на партијата затоа што зборувал за своите искуства со супстанции пред многу децении не е случајна, наивна грешка. Тоа е порака од судски систем кој ги затвора очите пред оние на власт и ги гони оние кои одбиваат да клекнат“, соопшти MeRA25.
Поранешниот грчки министер Варуфакис откри дека еднаш танцувал 16 часа, бил издрогиран


