Макс Верстапен/EPA-EFE/ANDRE COELHO

Ферстапен со предупредување до Формула 1: Не сакам да заминам, но подобрувања мора да има

Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен, откри дека води разговори со раководството на ФИА и Формула 1 со цел да се подобрат новите правила воведени оваа сезона. Сепак, четирикратниот светски шампион нагласи дека нема намера да го напушти спортот.

Холандскиот ас и претходно неколкупати јавно ги критикуваше новите технички регулативи, според кои силата на болидите се дели во однос 50-50 меѓу моторот со внатрешно согорување и електричната енергија, што бара и поинакви стратегии за распределба на енергијата во текот на трката.

Ферстапен призна дека не ужива во возењето на новите болиди како што уживал со оние од претходната генерација и предупреди дека ваквите промени можат да влијаат на неговите планови на долг рок во Формула 1.Но, исто така потврди дека во мај ќе настапи на легендарната 24-часовна трка на 24 часа Нирбургринг, која ќе се одржи помеѓу две трки од шампионатот.

На прес-конференцијата во Шангај, пред Голема награда на Кина, Ферстапен истакна дека сака да помогне во подобрување на ситуацијата.

„Навистина не сакам да заминам од Формула 1. Би сакал само малку повеќе да уживам во тркањето. Паралелно се занимавам и со други предизвици кои ми се интересни. Ќе возам на Нордшлајфе, се надевам дека во следните години ќе настапам и на 24 часа Спа, а можеби и на 24 часа Ле Ман. Сакам да комбинирам повеќе работи што ме исполнуваат“, изјави Верстапен.

Минатиот викенд Ферстапен ја заврши првата трка од сезоната на Голема награда на Австралија во Мелбурн на шестото место, иако стартуваше од 20-тата позиција. Тој призна дека болидот и моторот на Ред Бул имаат потенцијал, но дека во моментов разликата во однос на Мерцедес и Ферари, кои ги освоија првите четири позиции во Австралија, е очигледна.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот