„Ве ставивме во тешка позиција“: БАФТА им се извини на Мајкл Б. Џордан и Делрој Линдо поради расистичкиот испад на церемонијата
БАФТА им се извини на актерите Мајкл Б. Џордан и Делрој Линдо поради инцидентот што го одбележа доделувањето на филмските награди во неделата вечер во Лондон, кога активистот за подигање на свеста за Туретов синдром, Џон Дејвидсон, изговори повеќе навредливи зборови за време на церемонијата. Меѓу неговите неволни вербални испади, предизвикани од состојбата, беше и расистичката навреда, извикувана во моментот кога Џордан и Линдо ја врачуваа наградата за најдобри визуелни ефекти на филмот „Аватар: оган и пепел“ (Avatar: Fire and Ash).
Препорачано
Во соопштение објавено денеска, Британската академија соопшти дека презема „целосна одговорност“ за тоа што ги довела своите гости „во исклучително тешка ситуација“ и им се извинила на сите присутни. Академијата упати и „безрезервно извинување“ до Џордан и Линдо, заблагодарувајќи им се за „нивното извонредно достоинство и професионалност“.
Ситуацијата беше адресирана и за време на самата церемонија, кога водителот Алан Каминг во два наврати ѝ се обрати на публиката – најпрво заблагодарувајќи се за „разбирањето“ кон попреченоста на Дејвидсон, а потоа извинувајќи се доколку некој бил навреден. Овој втор коментар подоцна беше критикуван на социјалната мрежа Икс од сценографката на филмот „Грешници“ (Sinners), Хана Бичлер, која го оцени како „површен“.
Дејвидсон ја напушти салата на половина од церемонијата, но контроверзијата дополнително се продлабочи кога Би-би-си ја емитуваше одложената снимка без да ја исече расистичката навреда. Националниот радиодифузер подоцна се извини и ја отстрани програмата од својата стриминг-платформа АјПлејер.
Во новото соопштение, БАФТА му оддаде признание и на Дејвидсон за одлуката да ја напушти салата, заблагодарувајќи му се за „достоинството и обѕирноста кон другите, во вечер што требаше да биде прослава за него“. Дејвидсон, носител на орденот МБЕ, има Туретов синдром и долги години се залага за подобро разбирање на оваа состојба. Туретов синдром предизвикува неволни вербални тикови врз кои поединецот нема контрола, а тие не се одраз на неговите ставови ниту пак се намерни. Тој е извршен продуцент на филмот „Се колнам“ (I Swear), номиниран за БАФТА, кој е базиран на неговото животно искуство.
Британската академија нагласи дека обврската за грижа кон сите гости ја сфаќа исклучително сериозно и дека пристапува од позиција на инклузивност. Пред почетокот на церемонијата, публиката била информирана дека Дејвидсон е присутен во салата и дека е можно да се слушнат силни зборови, неволни звуци или движења во текот на вечерта. Сепак, во раниот дел од настанот, гласен тик во форма на крајно навредлив израз бил слушнат од многумина во салата, во момент кога Џордан и Линдо биле на сцената.
„Ја преземаме целосната одговорност за тоа што ги ставивме нашите гости во многу тешка позиција и им се извинуваме на сите. Ќе извлечеме поука од ова искуство и ќе продолжиме инклузивноста да биде во сржта на сè што правиме, задржувајќи ја вербата во филмот и раскажувањето приказни како клучен медиум за сочувство и емпатија“, се наведува во соопштението на БАФТА.
БАФТА 2026 – „Една битка по друга“ освои најмногу признанија на британските филмски награди


