Важен потпис во Битола: Абутовиќ останува верен на Еурофарм Пелистер
Искусниот српски ракометар Илија Абутовиќ ќе продолжи да го носи дресот на Пелистер и во следната натпреварувачка сезона, откако денеска официјално го продолжи договорот со актуелниот македонски шампион до крајот на сезоната 2025/26.
Препорачано
Клубот од Битола преку социјалните мрежи потврди дека Абутовиќ останува дел од тимот и ќе продолжи да биде еден од лидерите во соблекувалната, особено важен поради своето искуство и лидерски квалитети во младиот состав на Пелистер.
–Продолжуваме со нашата стратегија да ги задржиме клучните играчи кои го донесоа шампионскиот трофеј во Битола. Особено сме задоволни што го продолживме договорот со Илија Абутовиќ, кој со своето искуство и победнички менталитет останува важен дел од нашата приказна и следната сезона“ соопшти клубот.
Абутовиќ во Пелистер пристигна минатото лето, а зад себе има богато интернационално искуство. Меѓу другото, го носеше дресот на Вардар од 2011 до 2018 година, а претходн играше и за Спартак Суботица, Партизан, Слован, Рајн-Некар Левен и Шартр.


